Унгарската влада во мај објави дека само возилата со унгарски регистарски таблички ќе можат да купуваат бензин и дизел гориво по намалена цена од 480 форинти (1,2 евра), што е до 60 отсто пониска од цената што треба да ја платат сопствениците на автомобили со странски таблички
Портпаролката на Европската комисија, Соња Господинова, рече дека Унгарија ги дискриминира граѓаните на другите земји од ЕУ, бидејќи горивото го продава по намалени цени само на сопствениците на возила со унгарски регистарски таблички, додека другите треба да ја платат пазарната цена.
Таа изјави дека ЕК добила поплаки од граѓани на ЕУ кои се соочиле со „дискриминаторски цени“ на бензинските пумпи во Унгарија.
Господинова рече дека политиката на Унгарија може да ја поткопа регулаторната рамка за заедничкиот пазар на ЕУ.
„Не е време за еднострани потези на национално ниво и за воведување дискриминаторски мерки и третман на граѓаните на ЕУ“,
рече Господинова, додавајќи дека Унгарија не може да ја користи војната во Украина како „оправдување за дискриминација на граѓаните, индиректно врз основа на нивната националност“.
Еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон испрати писмо до унгарските власти претходно оваа недела, барајќи од нив да ја суспендираат одлуката додека не се направи проценка дали таа е во согласност со регулативите на ЕУ.
Унгарската влада во мај објави дека само возилата со унгарски регистарски таблички ќе можат да купуваат бензин и дизел гориво по намалена цена од 480 форинти (1,2 евра), што е до 60 отсто пониска од цената што треба да ја платат сопствениците на автомобили со странски таблички.
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека ЕУ се противи на дискриминацијата на националностите во мирнодопски услови, но и дека „вонредните ситуации бараат итни мерки“.