Треба да се разграничат поимите транспарентност и активна транспарентност, посочи Марија Митева, портпаролка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, во која се дебатираше за Индексот на транспарентност на политичките партии.
Ова истражување спроведено од Фондацијата „Отворено општество Македонија“ – ФООМ, во рамките на поширок проект на Меѓународниот републикански институт од САД – ИРИ, покажа дека ниедна партија не добила одлична или многу добра оценка. Од 28 истражувани партии, најмногу – 72 од можни 120 поени, освоила Левица и заслужила оценка „добар“. ВМРО-ДПМНЕ има 28 поени и оценка „задоволителна активна транспарентност“. СДСМ со 55 поени е второпласиран и е во зоната „добар“.
Во дебатата, Митева рече дека не се согласува дека ВМРО-ДПМНЕ е нетранспарентна партија.

„Сите законски обврски што произлегуваат во однос на финансирањето на политичките партии, како извештај може да го оцени или да даде мислење Државниот завод за ревизија на што годишно подлежиме сите. Не велам дека и таму состојбите се одлични, не велам дека нема простор за подобрување, но како политичка партија ВМРО-ДПМНЕ работела и објавувала“,
рече Митева.
За активната транспарентност, Митева рече дека сакаат да бидат поотворени, потранспарентни и подостапни за граѓаните за што, како што рече, се прават огромни промени и најави изненадување за останатите политички партии во однос на нивото на кое ќе биде ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање.
При рангирањето за Индексот на транспарентност се земени предвид 33 индикатори – од квалитетот и достапноста на информации на веб-страниците до начинот на реагирање на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, со оглед на тоа што партиите се „иматели“ на такви информации од 2019 година.