На министерскиот состанок во Солун министерот ги истакнал напорите што се прават за укинување на роамингот и со земјите-членки на ЕУ, како и за проширување на т.н. зелени ленти за превозниците и на границите со земјите од Унијата започнувајќи со нивно воведување помеѓу Северна Македонија и Грција
Нема поважна, поефективна и покатализирачка одлука за зајакнување на стабилноста и поривот за реформи и ЕУ ентузијазмот во регионот на ЈИЕ од онаа да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, без понатамошно одлагање и изговори, за што моментот е созреан.
Ваква порака испрати шефот на дипломатијата Бујар Османи од Солун каде учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Министерскиот состанок за надворешни работи што се одржува во Грција е во рамките на завршните состаноци на грчкото претседавањето со ПСЈИЕ под мотото „Зајакнување на синергиите на Југоисточна Европа“, додека од следната година ќе претседава Северна Македонија.
Во фокусот на разговорите на состанокот во Солун, како што соопштија од МНР, била регионалната соработка во светло на растечката нестабилност и негативните влијанија од руската агресија врз Украина, а се разговарало и за европската перспектива на регионот и важноста да се приоретизира енергетската безбедност и соработката за безбедносните прашња.

„Заблагодарувајќи се за успешното претседавање на Грција во вонредните околности како и за поддршката на европската интеграција на земјите од ПСЈИЕ кои сè уште не се земји членки на ЕУ, Османи се осврна на важноста од суштинското унапредување на регионалната соработка во момент кога целата меѓународна заедница се соочува со предизвиците на покачените цени на енергенсите и основните продукти и суровини како последица од војната во Украина. Порача дека сите форми на регионално организирање кои имаат за цел намалување на бирократските бариери и градење на заеднички регионален пазар треба да се третираат со потребната итност и целосен ангажман на владите“,
соопштија од МНР.
На министерскиот состанок во Грција, Османи го истакнал позитивниот ефект од укинувањето на роамингот меѓу земјите од регионот и посочил и за напорите што се прават тој да биде укинат и со земјите од ЕУ.
Министерот, велат од МНР, посочил на воспоставувањето на т.н. зелени ленти за превозниците за кои има најава да е прошират и кон земјите-членки на ЕУ, почнувајќи со границата помеѓу Северна Македонија и Грција.