Коментирајќи го наводниот план на Петков, пратеникот вели дека е безобразно што прво се планира укинување на ветото, а потоа на ред доаѓа исполнувањето на обврските на Северна Македонија

Пратеникот Станислав Балабанов од партијата Има таков народ која реши да излезе од бугарската влада, во емисијата „Лице в лице“ на БТВ покажа рачно напишан план за тргање на ветото и европската интеграција на Северна Македонија.
Балабанов тврди дека станува збор за ракопис на Кирил Петков и тврди дека премиерот го „нацртал“ за време на нивното заедничко патување со воз за Киев.

Коментирајќи го наводниот план на Петков, пратеникот вели дека е безобразно што прво се планира укинување на ветото, а потоа на ред доаѓа исполнувањето на обврските на Северна Македонија.
„Подготвен сум да седнам на детектор за лаги во врска со оваа белешка, а во Бугарија има и добри графолошки експерти кои можат да докажат дека овој ракопис е на премиерот“,
вели Балабанов.
Пратеникот вели дена не може да молчи за ова, особено откако пред еден месец добил ќерка.
„Поради неа не можам да молчам, не е убаво и не е морално, затоа што ќе го воспитувам ова дете … Особено кога е во прашање историјата на Бугарија. Очигледно имаме проблем што никој во историјата нема да ни го прости“, вели Балабанов.
Петков, пак, вчера имаше заедничка прес-конференција со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на која кажа дека Бугарија има три јасни барања за напредок на Северна Македонија во евроинтеграциите. Првото, рече тој, е почитување на рамковната позиција на Бугарија усвоена во парламентот. Второто е вклучување на Бугарите во Уставот за да може да се заштитат нивните права, а третото барање, вели премиерот, е спроведување на Договорот за добрососедство.
„Ова беа нашите дискусии и порано и сега, и работиме заедно за да видиме дали ЕУ може да биде гарант на овие три услови“,
рече Петков.