Видеата од надзорните камери околу „Стад де Франс“ за време на финалето на Лигата на шампионите се избришани бидејќи не биле побарани „во рок од седум дена“, изјави претставник на Француската фудбалска федерација
Префектот на париската полиција Дидие Лалемент и претставници на Француската фудбалска федерација (ФФФ) се појавија денеска на сослушување пред комисија на Францускиот сенат за инцидентите што настанаа за време на финалето на Лигата на шампионите во Париз, при што е откриено дека снимките од видео надзорот се уништени, јави дописникот на МИА од Париз.
Видеата од надзорните камери околу „Стад де Франс“ за време на финалето на Лигата на шампионите се избришани бидејќи не биле побарани „во рок од седум дена“, изјави претставник на ФФФ.
Веста веднаш предизвика реакции на социјалните мрежи, многу коментатори го иронизираат или осудуваат „бришењето на доказите“, други го осудуваат непостапувањето на правдата.
Од она што беше објавено на социјалние мрежи за време на инцидентите, се гледа дека гледачи без билети се качуваат на портите, а фанови беа испрскани со солзавец.