Џафери ја отвори седницата со задоцнување по што ги повика координаторите на пратеничките групи да обезбедат кворум за работа по оваа седница
Претседателот на Собранието Талат Џафери, откако час и половина ги чекаше пратениците да се соберат во пленарната сала, ја прекина 74. седница со образложение дека нејзиното продолжение ќе биде дополнително закажано. Во салата беа присутни само пратениците од мнозинството. На отворањето на седницата не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ иако беа во зградата на парламентот.
„Оваа седница што требаше да започне во 11 часот е закажана на 26 мај. За оваа седница се потпишани 97 пратеници, но тие не влегуваат внатре. Јас ги чекам еден час и 30 минути. Затоа ја прекинувам работата на оваа седница, а за продолжувањето ќе бидете известени дополнително“,
изјави Џафери.
Претходно, тој ги повика пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да влезат во салата за седницата да може започне.
„За последен пат ги повикувам пратениците што се во ходниците да влезат во салата“,
рече Џафери.
Џафери ја отвори седницата со задоцнување по што ги повика координаторите на пратеничките групи да обезбедат кворум за работа по оваа седница.
Собранието денеска треба да ја одржи 74-тата седница на чиј дневен ред има 20 точки меѓу кои и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот за 2022 година, по скратена постапка.
Во рамки на 74. седница пратениците треба да ги разгледаат и предлог законите за дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, за изменување на Законот за заштита на децата, и за дополнување на Законот за стоковните резерви, сите по скратена постапка.
На дневниот ред се и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност, на Законот за Бирото за развој на образованието и на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата, трите по скратена постапка.