Српскиот претседател предложи следната средба да се одржи во јужна Србија, на која би се формирале работни групи за да се надминат проблемите во снабдувањето со храна и енергија за, како што рече, да си помогнеме како да ја преживееме зимата којa е проблем не само за целиот регион туку и за светот
Значењето на „Отворен Балкан“ се гледа и преку односите меѓу Србија, Албанија и С Македонија – ние речиси и да немаме меѓусебни билатерални проблеми, а успеавме да решиме проблеми кои беа стари 60-70 години, рече во своето обраќање претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на самитот на иницијативата во Охрид.

„Ние немаме друго барање освен да сме пријатели и да работиме во корист на нашите граѓани. Тоа е толку добра идеја која секоја година има сè повеќе поддржувачи. Сите други се добредојдени“,
рече Вучиќ.
Тој предложи следната средба да се одржи во јужна Србија, на која би се формирале работни групи за да се надминат проблемите во снабдувањето со храна и енергија за, како што рече, да си помогнеме како да ја преживееме зимата којa е проблем не само за целиот регион туку и за светот.
Тој потсети на договорите што денеска ќе се потпишат истакнувајќи дека е горд што од иницијатива што на почетокот малкумина ја следеле и не се интересирале многу и сметале дека е осудена на пропаст, денес, како што рече, не може да се влезе овде од сите заинтересирани.

„Некои работи зависат од нас, а некои не. Дали ќе ни отворат преговори или не, зависи од друг. Од нас зависи како ќе живееме со соседите и како ќе си помагаме“,
рече Вучиќ и уште еднаш упати покана до останатите земји во регионот да се приклучат на иницијативата.
„Ако сакате дојдете, ако немојте да доаѓате, ваша волја. Никој нема да ве тера. Ова не се некои други организации“,
порача на крајот српскиот претседател.
