Апсолутно нема да подлегнеме на провокации кои имаат за цел да ги саботираат односите со нашите соседи, се вели во писмената изјава на премиерот Петков објавена на Фејсбук страницата на бугарската влада
Премиерот на Бугарија Кирил Петков на официјалната Фејсбук страница на бугарската влада го поздрави откривањето на сторителот на палењето на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола.
„Го поздравувам откривањето на сторителот на палењето на Културниот центар на македонските Бугари во Битола. Благодарност до властите во Република Северна Македонија и до премиерот Димитар Ковачевски за ефикасното постапување со кое за што е можно пократок рок го фатија пироманот. Апсолутно нема да подлегнеме на провокации кои имаат за цел да ги саботираат односите со нашите соседи“,
се вели во писмената изјава на премиерот Петков објавена на Фејсбук страницата на бугарската влада.

Медиумите во Софија ја пренесоа информацијата на министерот за внатрешни работи на Северна Македонија Оливер Спасовски за приведениот сторител на пожарот во културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, што се случи во саботата. Медиумите ја цитираат изјавата на Спасовски дека сторителот целосно го признал делото.
