Тој додаде дека Отворен Балкан е „извонредна иницијатива, во интерес на граѓаните, од која имаме само корист и никој не може ништо да каже против тоа“
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва во Охрид, каде што учествува на Самитот „Отворен Балкан“ изјави дека тоа е одлична иницијатива која е во интерес на граѓаните и оти таа не е замена за ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој посочи и дека е најгласниот поборник ЕУ да ги започне преговорите со Северна Македонија и Албанија, да се залага за тоа насекаде и оти не само што нема проблем со тоа, туку напротив, смета дека тоа е страшно важно за Скопје, Тирана и за граѓаните на тие две земји.
„Но, ние не велиме дека тоа што го правиме ќе донесе повеќе придобивки, но сигурно ќе донесе придобивки за сите. Тоа не е замена за ЕУ, тоа е посебна иницијатива која овде носи соработка меѓу народите и државите“,
рече Вучиќ.
Тој додаде дека Отворен Балкан е „извонредна иницијатива, во интерес на граѓаните, од која имаме само корист и никој не може ништо да каже против тоа“.
„Не ја потценувајте нашата одлука и желба да се зближиме и да соработуваме, ако тоа е од наш интерес“,
рече Вучиќ, истакнувајќи дека бројките за економската соработка меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија растат, што значи дека некои луѓе живеат од тоа и ги прехрануваат семејствата.
Претседателот на Србија изјави дека сите се добредојдени во иницијативата „Отворен Балкан“, вклучително и Приштина.
„Мислам дека сме доволно зрели и да зборуваме сами. Колку повеќе сами зборуваме, толку подобри ќе бидат односите. Кога првпат се сретнав со премиерот на Албанија, Еди Рама, имаше многу тензии меѓу нас. Седумдесет години нашите лидери не се сретнале. После тоа, токму затоа што ја разбравме потребата да разговараме на секое место, можевме да разговараме без посредник и денес нашите односи се добри“,
додаде Вучиќ.