Закажувањето на рочиште за пресуда следува по дадените завршни зборови на странките. Последен зборуваше поранешниот генерален секретар на партијата Кирил Божиновски, според кого не постои доказ дека тој договарал што било
Утре во Основниот кривичен суд Скопје ќе се изрече пресудата за случајот „Талир 2“, кој се однесува на изградбата на централното седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
Изрекувањето на пресудата следува откако денеска одбраната, а на минатото рочиште и обвинителството, ги даде своите завршни зборови. Обвинети за злоупотреба на службена положба и овластувања се експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кому му се суди во отсуство и поранешниот генерален секретар на партијата Кирил Божиновски.
Обвинителот Љубомир Лапе во своите заврши зборови побара тие да бидат прогласени за виновни, а побара и одземање на имот на партијата, меѓу кои и централниот штаб познат во јавноста како белата палата.
Со тоа, утре ќе биде и познато дали Кривичниот суд со првостепената пресуда ќе одлучи да се одземе седиштето на партијата.
Денеска претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, адвокатите Дончо Наков и Ружица Николовска не дадоа завршни зборови бидејќи, како што рекоа, партијата не е странка во постапката (тужител, обвинет или оштетен) туку само заинтересирана страна. Поради тоа, нагласија, не можат да дадат завршен збор, но и порачаа дека одземањето на имотот би било незаконско.
Освен нив, заврши зборови даде и адвокатот по службена должност на Груевски, Горан Каркински, кој побара ослободителна пресуда бидејќи обвинението го смета за паушално и дека нема докази.
Поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата, Кирил Божиновски, пак, отфрли вина бидејќи и тој смета дека нема ниту еден доказ за него.
„Во досегашната постапка, ниту од страна на обвинителство ниту од одбраната не беше презентиран ниту еден материјален и вербален доказ дека јас сум договарал што било“,
рече Божиновски.
Тој се пожали и дека во текот на судењето за овој предмет му се прекршени неговите права.
„Судот стори повреда на правото на мојата одбрана со тоа што прифати како доказ да биде изведено вештачење од обвинителството кое е изготвено без знаење и учество на одбраната“,
рече Божиновски.
Воедно, тој истакна дека ова вештачење е реализирано спротивно на законските прописи кои предвидуваат дека странките преку технички советници имаат право да учествуваат во собирањето на доказите и реализирање на вештачењата. Исто така, се пожали дека не бил прифатен ниту предлогот да се направи супервештачење што го смета за повреда на правото за еднаквост на оружјата.