На средбата со г.г. Стефан, како што додаваат од Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, била споделена радоста од позитивниот развој на процесот на препознавање и прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија
По средбата со поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г.Стефан, директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Даријан Сотировски истакна оти сè е подготвено за големиот ден кога ќе се официјализира одлуката за канонско прифаќање на Охридската архиепископија.
„Во пресрет на долгоочекуваното сослужување на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија на 12 јуни во патријаршиското седиште во Фанар се разгледаа досега преземените подготвителни активности, по што се заклучи дека сè е подготвено за големиот ден кога ќе се официјализира историската одлука на неговата сесветост вселенскиот патријарх г. Вартоломеј за прифаќање на нашата славна и древна Охридска архиепископија во литургиско и канонско единство“,
информираат од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
На средбата, како што додаваат, била споделена радоста од позитивниот развој на процесот на препознавање и прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.