Светската пракса има многу вакви успешни решенија каде што значајно се намалува ширењето на звукот кон околината, а квалитетот на звукот на подиумот се подобрува. Истовремено, сакаме да потенцираме дека дискотеките се граничат со Зоолошката градина и сериозно сме загрижени за загрозување на животот и на животните кои се дел од ЗОО Скопје, велат од граѓанската иницијатива
Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, во врска со доделувањето на лиценци за дискотеки во Градскиот парк, предлага сите дискотеки на отворено со лиценца да се задолжат да поднесат и проект за поставување озвучување со кое звукот ќе биде единствено насочен кон подиумот.
„Светската пракса има многу вакви успешни решенија каде значајно се намалува ширењето на звукот кон околината, а квалитетот на звукот на подиумот се подобрува. Истовремено, сакаме да потенцираме дека дискотеките се граничат со Зоолошката градина и сериозно сме загрижени, за загрозување на животот и на животните кои се дел од ЗОО Скопје. Животните со години ја трпат тортурата со прегласна музика во ноќните часови кога биолошки тие треба да спијат. Загадување со звукот е најголем проблем и го загрозува здравјето на луѓето и на животните подеднакво. Се чини дека никој не размислува за овој вид загадување на градот“,
велат во соопштението.
„Шанса за Центар“ бара од Градот Скопје одговор дали се размислува доделувањето на лиценцата освен што носи права за дискотеките да создаде и обврски. Очекуваат дека при формирање на цената за лиценците се мислело и на жителите на Скопје и на животните во Зоолошката градина, иако, како што велат, ниту една парична сума не е доволно висока кога се уништува секојдневието на животните кои се сместени во Зоолошката, но и на граѓаните кои живеат во поширокото подрачје околу Градскиот парк.
„Очекуваме дека со вакво задолжување на носителите на лиценца ќе им се олесни функционирањето во текот на периодот кога работат, а со тоа ќе се подобри и соживотот помеѓу институциите на Град Скопје, граѓаните и угостителите“,
велат од „Шанса за Центар“.