Иако победи, британскиот премиер се соочи со релативно ниска поддршка од „своите“. Неговата претходничка, Терезе Меј во 2018 година исто така се соочи со гласање недоверба. За разлика од Џонсон кој доби 58,8 отсто поддршка, тогаш за неа гласаа 63 отсто. И покрај тоа што и таа тогаш го преживеа гласање, по околу половина година даде оставка

Пратениците од британската Конзервативна партија денеска изгласаа доверба за нивниот лидер Борис Џонсон, јави Би-би-си.
Гласањето го покренаа неговите конзервативци, но резултатот сепак беше во негова корист. Вкупно 211 пратеници од партијата гласаа Џонсон да остане на чело на владата, а против беа 148 пратеници.
За заминувањето на Џонсон беа потребни гласовите на мнозинството пратеници од конзервативците, 180. Доколку тоа се случеше, ќе следуваа избори за ново партиско раководство, а тоа ќе значеше и смена од премиерската функција.
„Како влада можеме да продолжиме понатаму и да се фокусираме на работите за кои мислам дека се навистина важни за граѓаните. Благодарен сум на колегите за поддршката што ми ја дадоа. Она што сега треба да го направиме е да се здружиме како влада и партија“,
рече Џонсон во неговата прва изјава по гласањето во која кажа и дека не е заинтересиран за предвремени избори.
Соодносот на гласовите „за“ и „против“ значи дека Џонсон добил поддршка од 58,8 отсто од неговите конзервативци, додека дури 41,2 гласаа против него.
Иако останува на функцијата, Џонсон се соочи со релативно ниска поддршка од „своите“. Неговата претходничка, Терезе Меј во 2018 година исто така се соочи со гласање недоверба. За разлика од Џонсон кој доби 58,8 отсто поддршка, тогаш за неа гласаа 63 отсто. Сепак, Меј се соочи со голем притисок да поднесе оставка, што и го направи околу половина година подоцна.
Во врска со вечерашните случувања во Конзервативната партија, Би-би-си повикувајќи се на свои извори јави и дека пред гласањето, Џонсон им се обратил на пратениците и им ветил дека „повторно ќе ги води до победа“ и предупредил да не влегуваат во „бесмислена братоубиствена дебата“ за иднината на Конзервативната партија.
Тој, исто така, ги повикал „да одбијат да ги задоволат противниците со тоа што самите ќе се предадат“. Висок партиски извор, пренесува медиумот, рекол дека премиерот добил голем аплауз кога рекол дека не треба да „танцуваат како што свират медиумите“.
Добивањето на денешната поддршка значи и дека тој не може да се соочи со уште едно гласање за доверба најмалку една година.
Џонсон, премиер од 2019 година, е под зголемен притисок и критика по извештаите за прослави со алкохол од страна на политичкиот врв во време кога остатокот од Велика Британија беше под рестриктивни мерки, наметнати поради пандемијата со ковид-19. Џонсон беше и парично казнет поради роденденската забавата во екот на пандемијата.
Голем број конзервативци претходно изразија загриженост за тоа дали 57-годишниот Џонсон го загубил авторитетот за да управува со земјата, на која и се заканува рецесија, раст на цените на храната и горивото и штрајкови во Лондон.