Портпаролката на руското МНР за италијанскиот телевизиски канал „Ла7“ рече дека земјите од соседството не дозволија прелетување на авионот на Сергеј Лавров, кој се подготвувал да ја посети Србија
Земјите што ја опкружуваат Србија го затворија небото за авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и со тоа затворија уште еден канал за комуникација, изјави портпаролката на Министерството Марија Захарова, нагласувајќи дека Москва не е таа што гради нова „железна завеса“, туку Европа е таа која ја оградува Русија.
Захарова за италијанскиот телевизиски канал „Ла7“ рече дека овие земји не дозволија прелетување на авионот на Сергеј Лавров, кој се подготвувал да ја посети Србија.
„Руската делегација требаше да пристигне во Белград на разговори. Земјите членки на ЕУ и НАТО го затворија воздушниот простор, затворија уште еден канал за комуникација“,
рече таа, пренесува Спутник.
„Нема да има железни завеси, на крајот, од наша страна, не треба да се грижите, ЕУ е таа што ја оградува Русија со завеса. Ваша грешка е дека сте премногу себични, што мислите дека сте центар на светот, дека покрај вас во светот нема други народи. Немате морално право никого нешто да научите“,
рече Захарова.
Ројтерс вчера вечер, повикувајќи се на Интерфакс, објави дека посетата на Лавров на Србија е откажана бидејќи земјите околу Србија го затвориле својот воздушен простор за неговиот авион.
Извор од руското Министерство за надворешни работи го потврди пишувањето на српските медиуми во кои се наведува дека Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора го затвориле својот воздушен простор за авионот што требало да го превезе Лавров во Белград.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во 10 часот ќе се сретне со амбасадорот на Русија во Белград, Александар Бочан-Карченко, а најавено е дека во 19:30 часот ќе гостува на РТС и ќе разговара за овој случај.