Лидерот на Беса, Биљал Касами, претходно ѝ порача на ДУИ наместо да троши пари за славење, како дел од извршната власт да најде начин да им помогне на тетовци кои беа погодени од поплавите. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговарајќи на новинарски прашања рече дека не е време за славење туку да се засукаат ракавите бидејќи тешко се живее, а ДУИ ја обвини дека формирала своја длабока држава во институциите
Денес е роденден на сите Албанци кои државата ја чувствуваат како своја држава, а не како кираџии како што беа до 2001 година и навистина, навистина кога слушам како опозициските партии леат крокодилски солзи дека толку многу трошиме за овој роденден ДУИ, ми е жал за нив, порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети во неговиот говор на панел дискусијата на тема „Родова интеграција во последните 20 години“ што ја организираше Форумот на жени на ДУИ во рамките на активностите по повод одбележувањето на 20-годишнината од формирањето на партијата.
„Денес имаме многу потолерантно општество, на никого не му смета Скендербег во центарот на Скопје, Јосиф Багери, Пјетер Богдани, Неџат Аголи во центарот на Скопје! Тоа значи дека секој дава порака, за една држава која сите треба да ја сакаме. Денес никому не му пречи да го види албанскиот национален херој во центарот на Скопје, никој не го попречува албанскиот јазик, секој ден остануваме во Собрание да дебатираме, понекогаш кажуваат некои фрази против, но за политички цели, но работите не можат да се сменат и нема враќање назад. Иднината на оваа земја е заедно да ги придвижиме работите напред“,
рече Ахмети во дел од обраќањето.
На настанот како гостинка се обрати и поранешната заменик-претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска.
„Колку сме го потрошиле времето не гледајќи дека образованието е најдобрата инвестиција која може да ја направи државата кај сите млади за сите заедници. Честопати зборуваме за еднаквост и кога зборуваме за еднаквост во Македонија, обично првата асоцијација е етничките односи, меѓутоа дури и ако зборуваме за еднаквоста во поголема широчина ќе кажеме дека еднаквоста не е само морална обврска, значи сите луѓе се родени еднакви, туку е и рационална одлука. Имате капацитет во своето општество којшто треба да го искористите. Ако Албанците немаат право на образование на албански јазик помалку ќе одат на универзитет, ако одат помалку на универзитет помалку ќе можат да помогнат на економијата и тоа покажува дека еднаквоста треба да ја гледаме и како политичка и како економска разумност и тоа е аргументот којшто честопати заборававме да го кажеме“,
рече Шекеринска во дел од обраќањето.
Настанот што го организира форумот на жени на ДУИ е една од бројните активности за одбележување на 20. роденден на партијата.
Во Скопје, на плоштадот „Скендербег“ партијата вечерва организира и музички концерт, а дел од медиумите објавија и дека прославата на интегративците „тежи“ 100 000 евра.
Опозицијата, пак, излезе со критики за трошењето пари за прослава во време на криза. Градоначалникот на Тетово и лидер на Беса, Биљал Касами, ѝ порача на ДУИ наместо да троши пари за славење, како дел од извршната власт да најде начин да им помогне на тетовци кои беа погодени од поплавите.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, во коментар за прославата рече дека беспарица е и не е време за славење.
„Не е време за славење треба да ги засукаме ракавите и да работиме затоа што народот тешко живее, а не да славиме и да кажуваме дека славиме 20 години и да вадиме комедијанти по телевизии и да кажуваат колку била ДУИ државотворна партија, со кое дело покажаа дека се државотворна партија, освен со зборови“,
рече Мицкоски.
Тој ја обвини ДУИ дека функционира како длабока држава, а тоа го посочи и како една од причините за предвремени парламентарни избори што ги бара ВМРО-ДПМНЕ.
„Тие функционираат како длабока држава си имаат свои обвинители, свои судии и кој било да се дрзне да поднесе каква било пријава или обвинителот не ја прифаќа, или судијата ја одбива. Така да тоа е последицата од овие 20 години, затоа бараме предвремени парламентарни избори за да може оваа длабока држава конечно да исчезне и да ја поразиме оваа длабока држава којашто оваа политичка партија ја има направено од институциите“,
рече Мицкоски.