Двајцата првично добија упатени актови за извршување на казните во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, меѓутоа во меѓувреме ги сменија адресите на живеење и надлежноста од скопскиот се префрли во охридскиот суд
Бизнисменот Јордан (Орце) Камчев и Ненад Јосифовиќ до Основниот суд во Охрид испратиле молби за одложување на издржувањето на затворските казни од по една година кои ги добија со постигнатите спогодби во случајот „Империја“.
Од охридскиот суд потврдија дека примиле молби од осудените и најавуваат дека судија за извршување санкции ќе постапи согласно предвидените рокови. Според Законот за извршување санкции, судијата има рок од три дена да одлучи за молбите.
Инаку, според упатниот акт што им го испрати претходно судијата, Камчев и Јосифовиќ денеска требаше да почнат со извршување на казната во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга кој е од полуотворен тип, меѓутоа, сега ќе се чека на решението по молбите.
Камчев и Јосифовиќ првично добија упатени актови за извршување на казните во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, меѓутоа, во меѓувреме ги сменија адресите на живеење и надлежноста од скопскиот се префрли во охридскиот суд.
Двајцата имаат за издржување на помалку од една година од казната со оглед дека по неколку месеци поминаа во притвор во текот на истрагата за „Империја“.
Тие спогодбите за казните и постигнаа кон крајот на април за кривични дела до 2009 година – Камчев за злоупотреба на службената положба и овластување, а Јосифовиќ за перење пари и други приноси од казниво дело. Дел од спогодбата беше да се уплатат и 5,2 милиони евра на сметка на УЈП, пари што беа уплатени на 26 април годинава, односно набргу по постигнувањето на спогодбата од страна на фирмата „Кара“ АД Скопје која е правен следбеник на компаниите „Орка холдинг“ АД Скопје и ДПТУ ХООР АД Кавадарци.