Полска, Бугарија и Финска одбија да плаќаат за рускиот гас по новите правила, а „Газпром“ од минатиот месец им ги запре испораките
Германските енергетски компании РВЕ и „Унипер“ потврдија дека по првпат рускиот гас го платиле според правилата на Москва односно во рубли преку посредничка банка во Русија.
Според правилото усвоено на крајот на март, набавувачите на руски гас од „непријателските земји“ мораат да отворат сметка во „Газпром банка“ и на неа да уплатат дознаки во договорената валута, пред сè во долари и евра. Банката тие средства на берзата ги менува за рубли и ги уплаќа на сметка на „Газпром“.
Москва за „непријателски држави“ ги смета сите членки на ЕУ, САД, Швајцарија и другите кои поради инвазијата во Украина воведоа санкции против Русија, исклучувајќи ги големите руски банки од глобалниот финансиски систем.
Таквите одредби определени од Москва ги подели земјите на ЕУ, Полска, Бугарија и Финска кои одбија да плаќаат за рускиот гас по новите правила, а „Газпром“ од минатиот месец им ги запре испораките. Оваа седмица руската компанија најави дека ги стопира и испораките на гас за холандската „Гас тера“ и данскиот „Оерстед“.
Германија е голем увозник на руски гас што минатата година сочинуваше повеќе од половината на увозот на тој енергент, а значаен удел од увозот се реализираше токму преку РВЕ и „Унипер“. Двете компании веќе најавија дека ќе отворат сметки во „Газпром банка“, согласно важечките правила што ги диктира Москва, за да обезбедат континуирано снабдување на земјата со руски гас.