Зборувајќи за евентуалното доделување кандидатски статус за Украина и Молдавија, грчкиот премиер порача дека не смее да се испрати сигнал дека редот е прескокнат и дека прв приоритет мора да биде спорот помеѓу Скопје и Софија, со цел С Македонија и Албанија да може да ги почнат преговорите

Да не прескокнува редот за ЕУ, да не се заборави Западен Балкан, прв приоритет треба да биде решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
Вакви пораки испрати грчкиот премиер Киријакос Мицотакис говорејќи за евентуалната ЕУ-перспектива на Украина и Молдавија во рамки на дискусија на 27. конгрес на Европската народна партија во Ротердам.
Мицотакис објасни дека за еден месец ќе се одржи дебатата за идното членство на Молдавија и Украина во ЕУ и потенцираше дека дискусијата нема да биде лесна бидејќи веќе, како што рече, се чувствува дека има различни ставови во Европскиот совет.
Тој додаде дека ако навистина постои свет пред и по 24 февруари, ова мора да биде земено предвид кога се размислува во однос на тоа колку ЕУ сака да биде отворена и да им понуди кандидатски статус на Молдавија и Украина.
„Од друга страна, не смееме да го заборавиме Западен Балкан. Ова е тема што длабоко не допира. Треба да бидеме сигурни дека нема да испратиме сигнал дека редот е попречен. И првиот приоритет што го имаме во овој поглед е да обезбедиме решение на отвореното прашање помеѓу Бугарија и Северна Македонија, за да можеме, како Европска Унија, да ги започнеме релевантните преговори со Северна Македонија и Албанија“,
рече Мицотакис.
Грчкиот премиер посочи дека мора да се препозна уникатноста на она што се случи во Украина, но без да се заборави фактот дека има и други земји во овој процес.