И опозициската ПДК смета дека ставовите на министерот за евроинтеграции на Косово, кој беше кандидат за за претседател на Северна Македонија на ланските избори, „се опасни за косовската држава“
Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај бара оставка од новиот министер за европски интеграции на Косово, Блерим Река, поради негова изјава дека е потребен компромис со Србија, така што ќе ѝ се даде транзитен коридор за излез на Јадранското Море.
Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека овој предлог на Река значи „враќање на Косово во Србија и отворање на патот на Србија за влез во Албанија“.
„Оваа уништувачка понуда ѝ овозможува на Србија да влезе во албанството и да го реализира вековниот сон за освојување на албанските земји. Овој министер треба веднаш да даде оставка пред да му се побара тоа. Овие изјави и ризичните однесувања на владата на измамата, првин за укинување на таксата и сега за понудата за излез на Јадранот, произведуваат последици на потчинување и политичка капитулација“,
пишува Харадинај.

Идејата за коридор за Србија, како замена за отстапување територија, Река, како што пренесува МИА, ја презентирал во вчерашното интервју за државната телевизија РТК.
„Наместо ова што се зборува или заговара дека наводно треба да се даде територија на Србија, јас имам една друга понуда. Ние можеме да ѝ дадеме на Србија транзитен коридор за излез на Јадранското Море, преку Косово, преку косовскиот автопат до Драч. И мислам дека тоа е фер компромис за Србија“,
изјави Река.

На оваа изјава на министерот за евроинтеграции реагира и опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), која смета дека таквите ставови се опасни за косовската држава.
„Оваа идеја на министерот на Самоопределување претставува рехабилитација на сите историски напори на Србија, како балканските војни, проектите на Никола Пашиќ, Јован Цвијиќ и Иво Андриќ…, за да направат да исчезне не само Косово, туку и албанската држава“,
се вели во реакцијата на ПДК, која бара од премиерот Албин Курти веднаш да го разреши Река и да се дистанцира од неговиот „антинационален став“.

На ланските претседателски избори во Северна Македонија, универзитетскиот професор и поранешен амбасадор на земјава во ЕУ, Блерим Река, беше кандидат за шеф на државата, поддржан од Алијансата на Албанците и Беса. Минатиот месец Река беше избран за министер за европски интеграции во новата влада на Косово, предводена од лидерот на Самоопределување Албин Курти.