Јорданов истакна дека притисокот за укинување на бугарското вето за почеток на преговори со Северна Македонија доаѓа од неколку земји од ЕУ, но одби да каже кои
Претседателот на пратеничката група на партијата „Има таков народ“ во Бугарија , Тошко Јорданов, и по одржувањето на коалицискиот совет не е сигурен дека нема да има изненадување околу ветото за Македонија.

„Следејќи го коалицискиот совет за Северна Македонија, со ваков тип на коалициски партнери, не можеме да бидеме сигурни дека нема да има никакво движење околу Северна Македонија“,
изјави тој за Нова телевизија.
Синоќа четирите партии од коалицијата разговараа за ова прашање, а по средбата беше најавено дека евентуалното укинување на ветото за членство на земјата во ЕУ нужно ќе помине преку гласање во Националното собрание.
Тошко Јорданов посочи дека „Продолжуваме со промената“ си дозволиле да прават работи и да разговараат за Северна Македонија што не требало да ги направат. Тој прецизира дека зборувал за разговори со европските дипломати и за ветувањата што им биле дадени во последните 4 месеци.
Јорданов истакна дека притисокот за укинување на бугарското вето за почеток на преговори со Северна Македонија во ЕУ доаѓа од неколку земји од ЕУ, но одби да каже кои.
„Работиме врз основа на потпишан коалициски договор. Ако го почитуваат – нема проблем. Ако не го почитуваат – последиците ќе бидат кај нив“,
рече пратеникот на ИТН.
Според него, идејата на „Демократска Бугарија“ да го придвижи билатералниот процес, доколку Европската комисија преземе гаранции во преговарачкиот процес дека ќе се исполнат барањата на Бугарија, е тешко остварлива.
„Тоа е тешко да се спроведе во пракса. Тоа се политички, а не реални очекувања“,
рече Јорданов.
Според него, дури и претседателот да го прифати барањето на премиерот Кирил Петков за свикување на Советодавниот совет за национална безбедност на тема „Северна Македонија“, советодавното тело нема да излезе со заедничка одлука.