Седум градоначалници на германски градови испратија барање до владата да им се овозможи да прифатат малолетни бегалци кои се сместени во камповите во Грција.
Ваквиот потег доаѓа откако германскиот Парламент го одби предлогот земјата да прифати деца од бегалските кампови.
Градоначалниците на Келн, Дизелдорф, Потсдам, Хановер, Фрајбург, Ротенбург и Франкфурт, и министерот за внатрешни работи на северната провинција Долна Саксонија, Борис Писториус, потпишаа јавен апел.
Апелот е доставен два дена откако во Бундестагот беше одбиен предлогот за сместување во Германија на неколку илјади малолетни баратели на азил кои моментно се наоѓаат во бегалските кампови во Грција.
„Ситуацијата во грчките острови драматично се влоши во последните денови. Особено за жени и деца. Преполнети кампови, немаат основна инфраструктура, немаат медицинска нега или болнички кревети.“,
се вели во заедничката изјава објавена од германската мрежа РНД во Хановер.
Со отворено писмо се наведува дека околу 130 германски градови кои се прогласиле за „безбедно засолниште“ сакале да им помогнат на новите бегалци.
Сојузот на тие места, во кој има околу 130 градови и општини низ Германија, веќе изрази подготвеност „веднаш да смести до 500 деца бегалци до 14-годишна возраст“ според итни прописи, во моментов „сместени во неприфатливи услови на грчките острови”.
УНИЦЕФ, пред неколку дена апелираше да се одговори на директните потреби на децата во последниот бегалски бран од Сирија кон земјите во Европа. Тие апелираат да се помага со засолниште, вода, хигиенски средства, ќебиња и други непрехранбени производи.
Исто така, УНИЦЕФ, работи и на исполнување на најитните потреби на оние кои се заробени на границата меѓу Турција и Грција, каде се пријавуваат инциденти на насилно потиснување.