„Ние сме единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија и притисоците се неверојатни од ден на ден. Овие извештаи за бомби се притисок од странство поради ненаметнување санкции кон Русија“, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ во врска со лажните дојави за бомби во училишта, трговски центи и аеродроми во Србија
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, рече дека честите дојави за бомби се притисоци кои се вршат од странство поради тоа што земјата не воведе санкции кон Русија по нејзината инвазија на Украина, како што тоа го направија повеќето западни земји, јави Н1.
„Ние сме единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија и притисоците се неверојатни од ден на ден. Овие извештаи за бомби се притисок од странство поради ненаметнување санкции кон Русија“,
изјави Брнабиќ за белградските медиуми, јави Н1.
Над 90 училишта во Белград вчера беа евакуирани по дојавите за бомби за кои потоа беше објавено дека се лажни, по што пријавите беа окарактеризирани како тероризам.
Српската премиерка Брнабиќ оцени дека дојавите за бомби се внимателно испланирани и оти тие сигурно дошле од странство, а за тоа говори и фактот што една од дојавите стигнала до Белградскиот тропикариум (јавен аквариум) за кој повеќето граѓани не ни знаат дека постои.
„Некој погледнал какви може да бидат сите туристички атракции. Кај нас Тропикариумот е мал и повеќето не знаат за него, што ви покажува дека некој го планирал тоа и дека доаѓа од странство, затоа што ако некој го смислил тоа од Србија никогаш не би испратил дојава до Тропикариумот“,
објасни Брнабиќ.
Брнабиќ рече дека ненаметнувањето санкции кон Русија се покажало како исклучително скапо бидејќи „главното прашање“ за инвеститорите е зошто Србија сè уште не го сторила тоа. Според неа, тоа дополнително го забавува понатамошниот раст на земјата.