Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоски, по средбата со претседателот на Националниот совет (парламентот) на Република Австрија, Волфганг Соботка, коментирајќи го мини-извештајот на Европската комисија за земјава, рече дека не може да седи мирен пред лажните вести, без разлика каков е извештајот.
„Јас, пред се, сум универзитетски професор и педагог и кога како човек го слушам она ‘трас-трас’ се договорив, или овој знае, тој знае или, пак, она рекетирање што е поврзано со една веќе поранешна телевизија, верувајте ми дека не можам да седам мирен и да речам дека тоа е така, па каков сака нека е извештај“,
одговори Мицкоски.
Според него, тоа се вредности кои што тој не може да ги поддржи и тоа е конечна и негова лична одлука како претседател на ВМРО-ДПМНЕ да се спротивстави, како што рече, „на таквите лажни вести“.
„Не можам да кажам дека е реформирано судството кога видовме како тоа се реформирало по методот ‘трас-трас’. Така не се реформира судство, не се реформира судство со 74 пратеника, па потоа се поништува и се носи со 80 пратеници. Тоа е лош пример за моите и за вашите деца. Тоа е лош пример за генерациите што доаѓаат, затоа ни се празни државата. Тоа не можам да го поддржам и никогаш нема да го поддржам“,
додаде Мицкоски.
Европската комисјиа пред неколку дена го усвои и објави мини-извештајот за земјава.
Документот официјално насловен како „Ажурирање на извештајот за Северна Македонија“, е на неполни шест страници и се концентрира на постигнувањата во трите области наведени во заклучоците од Советот на ЕУ од јуни 2018 г. – судски реформи и борба против корупцијата и организираниот криминал, реформа на разузнавачкиот сектор и реформа на јавната администрација.
Во делот за судските реформи се нотира дека се преземени значајни законски чекори за зајакнување на независноста на судството.
„Релевантните тела продолжија да функционираат, истовремено иницирајќи значајни реформи за зајакнување на сопствената ефикасност. Надлежните беа конзистентни во напорите за да ги усогласат правилата за управување на судскиот систем со меѓународните стандарди и најдобрите практики“,
пишува во мини-извештајот на ЕК.