Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, прогласи вонредна состојба поради коронавирусот во државата, каде што досега има 53 потврдени случаи.
Тој прогласи вонредна состојба откако локалните власти ја објавија првата жртва од коронавирус во Калифорнија.

Починало постаро лице со здравствени проблеми.
Тоа беше првиот смртен случај во САД надвор од државата Вашингтон, каде што починаа десет лица. Последната жртва е во Сиетл каде што има 39 заболени – најмногу во САД.
Нови случаи се пријавени и во двата најголеми градови во САД, Њујорк и Лос Анџелес.
Кина бележи тренд на опаѓање
Бројот на починати во континентална Кина надмина 3 000, откако властите денеска соопштија за 31 смртен случај.
Најмалку 3 012 лица досега починале од коронавирусот во Кина, без Хонгконг и Макао. Повеќето од смртните случаи, вкупно 2 305, се регистрирани во Вухан, главен град на централната провинција Хубеј.
Во последните 24 часа во Кина се потврдени 139 нови случаи на заразени, што е малку повеќе од претходниот ден кога беа пријавени 119.

Со последните бројки, вкупниот број на заразени достигна 80 409, а надвор од Хубеј се регистрирани само пет нови случаи, соопштија здравствените власти.
Глобално: 95 000 заразени, 3 284 починати
Според последните податоци на интернет-страницата „Ворлдметерс“, во светот досега се пријавени вкупно 95 488 случаи на зараза со ковид-19 од кои 53 689 оздравеле, а 3 284 лица починале.
Надвор од Кина, најмногу заразени има во Јужна Кореја (5 766) и во Иран (2 922).

Иранскиот претседател Хасан Рохани соопшти дека новиот вирус се проширил речиси во сите ирански провинции.
Иранските власти решија да ги затворат училиштата и универзитетите во обид да го спречат ширењето на новиот коронавирус.
Државната телевизија соопшти дека молитвите се откажани в петок во сите главни градови во провинциите
Во Италија се регистрирани вкупно 3 089 заразени од кои 107 починале, а 276 оздравеле.
*Поврзана вест Италија ги затвора сите училишта и факултети поради коронавирусот

Министерството за здравство на Грција утрово го потврди 10. случај на коронавирус во земјата, а станува збор за Гркинка, која се заразила по близок контакт со лицето кај кое вчера беше потврден ковид-19, член на туристичката група што патувала во Израел и Египет.
Жената е во добра здравствена состојба и е хоспитализирана во болницата во грчкиот град Патра.
*Поврзана вест Грција ги затвора училиштата во три региони, поради коронавирусот