За првпат шеф на кипарската дипломатија допатува во официјална посета на земјава, откако пред шест месеци двете земји воспоставија дипломатски односи. Кипарскиот министер за надворешни работи Никос Христодулидес по средбата со неговиот македонски колега, Никола Димитров, рече дека неговата посета значи поддршка за нашиот европски пат.
Тој посочи дека првиот амбасадор од Република Кипар во Северна Македонија до крајот на следната недела треба да ги достави акредитивните писма, а очекува истото да го стори и нашата земја.
„Разговаравме за темите кои се поврзани со развојот на нашите билатерални врски и можностите кои стојат пред нас за отворање. Има голем интерес од кипарските бизнисмени за инвестирање во вашата земја и се договоривме да организираме бизнис форуми во Скопје и во Никозија. Договоривме потпишување на договор за избегнување на двојно оданочување“,
изјави Христодулидес.
Тој нагласи дека нашата земја е добро позната кај нив, бидејќи еден од најдобрите фудбалери, Иван Тричковски е од Северна Македонија.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, рече дека имале многу отворен, пријателски и плоден разговор.
„Во најголем дел разговорот беше насочен кон европскиот пат на нашата земја и напорите за отворање на преговорите, по решавање на тешките прашања и реформите препознаени во најновиот извештај“,
изјави Димитров.
Тој додаде дека со Кипар ќе се создадат соработки во сите сектори.
„Ќе почнеме со бизнис и економските врски. Набрзо ќе го постигнеме и нашиот прв билатерален договор за избегнување на двојно оданочување. Во втората половина од годината ќе разговараме и за тоа како да ги зближиме бизнис заедниците од двете земји“,
изјави Димитров.