Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им се извини на граѓаните за она што ќе следува од неговата партија, но порача и дека граѓаните мора да ги разберат и да ги поддржат бидејќи мора да ја спасат Македонија
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека блокадата на Собранието од опозицијата нема да трае неколку дена туку можеби и со недели и месеци, односно сè додека Владата не седне да разговара со нив и не се договорат за предвремени парламентарни избори.
Идејата за блокада Мицкоски вечерва ќе ја презентира на седница на Извршниот комитет, кој ќе донесе одлука дали партијата ќе преземе таков чекор во парламентот или не. Меѓутоа, вели партискиот лидер, нема да застанат тука.
„Вечерва имаме состанок на ИК, ќе ја презентирам идејата и да почекаме. Ќе имаме соопштение или изјава за јавноста во текот на седницата, а потоа ќе следуваат и следни чекори. Ако мислите дека ќе завршиме тука, нема. Ова ќе биде процес во кој треба комплетно да ја принудиме оваа влада раководена од 15 пратеници на ДУИ и администрирана од Ковачевски и СДСМ да замине, затоа што мора да се согласите дека сега како никогаш во минатото не било толку лошо. Сега не е лошо туку очајно, имаме национална катастрофа, девастирана економија, урнисано здравство, многу лоша состојба во образованието“,
изјави денеска Мицкоски.
Тој вели дека тие како државотворна партија, а тој лично како одговорен политичар нема да дозволат државата да има сè помалку, па затоа се решаваат на вакви чекори. Мицкоски им се извини и на граѓаните за она што ќе следува.
Кога нема разум кај власта, ние не можеме како државотворна и одговорна партија да дозволиме Македонија да има се помалку и како малкумина се богатат на грбот на граѓаните во Македонија. Нема да бидам ниту јас одговорен политичар ако дозволам тоа и во иднина така да се прави.
„Во најмала рака ова е процес кој ќе трае повеќе месеци сè додека оваа неразумна влада не се вразуми. Однапред им се извинувам на граѓаните за тоа што ќе следи, но мора да нè разберат дека ни е потребна поддршка и охрабрување за да си ја спасиме Македонија затоа што ако оваа влада остане уште еден ден повеќе Македонија ќе има помалку на сметка на нив. Почекајте, допрва следуваат повеќе чекори, а со ова само започнуваме. Не можам да дозволам иднината на Македонија да се крои во Мала Речица. Иднината ќе ја кројат граѓаните, а не тие кои денеска се таму во Владата“,
вели Мицкоски.
Активната блокада на законодавниот дом, како што појасни, ќе значи блокирање на сите процеси и закони освен на оние закони што се однесуваат за помошта кон граѓаните за повисоки плати и пензии.