Според Ангелов, еден од најтешките активни пожари моментално се наоѓа на границата меѓу Струга и Дебар, во атарот на селата Луково и Буринец. Поради опасност огнот да се приближи до населените места, од утрово интервенира и армиски хеликоптер, а на терен се ангажирани пожарникарите од Струга и екипи на „Национални шуми“
Директорот на ДЗС посочува дека ситуацијата и со другите пожари на отворен простор на ниво на државата е сè уште алармантна. Во текот на вчерашниот ден имало повеќе од 41 пожар на отворен простор, но слабите врнежи што паднаа во делови од државата сосема малку ја олесниле работата на пожарникарите

Тежок пожар со огнена линија долга повеќе од пет километри во текот на ноќта навлезе од косовска страна во Македонија и моментално се движи во атарот на селото Грачани, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Тој додава дека скопските пожарникари, поддржани од тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), се на терен и се обидуваат да воспостават контрола. Иако непосредна опасност за околните села засега нема, Ангелов додава дека мирисот од чадот веќе се чувствува во делови од Скопје.
Ангелов посочува дека ситуацијата и со другите пожари на отворен простор на ниво на државата е сè уште алармантна. Во текот на вчерашниот ден имало повеќе од 41 пожар на отворен простор, но слабите врнежи што паднаа во делови од државата сосема малку ја олесниле работата на пожарникарите.
Според Ангелов, еден од најтешките активни пожари моментално се наоѓа на границата меѓу Струга и Дебар, во атарот на селата Луково и Буринец. Поради опасност огнот да се приближи до населените места, од утрово интервенира и армиски хеликоптер, а на терен се ангажирани пожарникарите од Струга и екипи на „Национални шуми“.
„Се надевам дека пожарникарите од Струга ќе воспостават контрола барем од насока на селата, за да не дојде до нивно загрозување. На лице место исто така се и припадници на ’Национални шуми’, коишто се распоредени по линијата на пожарот“,
посочи Ангелов.
Тој додава дека делумно под контрола е пожарот меѓу селата Пухче и Селце во општина Штип и оти на одредени места повтроно има знаци на горење.
„Цел ден тука ќе имаме луѓе бидејќи мојата прогноза е дека околу пладне, со покачувањето на температурите овде ќе нѐ очекуваат нови предизвици. Инаку, огнот синоќа излезе од контрола, нагло се прошири поради силниот ветер. За тоа беше побарана и дополнителна сила од Дирекцијата за заштита и околните општини“,
вели Ангелов во попладневната видеоизјава.
За овој пожар информира и командирот на ТППЕ – Штип, Благој Ренџов, кој вели дека тој е под делумна контрола и оти останува да се изгасне уште еден крак, кој оди кон селото Селце на планината Серта.
„Имаме уште еден крак што е критичен према селото Селце, но се надевам дека денес ќе нѐ послужи и времето, значи ќе биде поладно, ќе нема многу ветрови, да можеме да го ставиме и тој крак од огнот под контрола. Инаку, огнот синоќа се закануваше кон првите викенд- куќи, бидејќи имаме таму населба. За тоа беше побарана и дополнителна сила од Дирекцијата за заштита и околните општини. Успеавме да ги спасиме викенд-куќите и за среќа да немаме повредени лица“,
вели Ренџов, пренесува МИА.
Тој додава дека за овој пожар имаат информации од очевидец дека е подметнат од страна на пироман, за што е и информиран и СВР – Штип.
Во однос на пожарот на Пелистер, Ангелов рече дека е ставен под целосна контрола, но сè уште на одредени места дава знаци на чадење и горење. Поради тоа, вели тој, пожарникарите од Ресен се на лице место и дејствуваат врз новопојавени жаришта, кои најчесто се појавуваат во изгорениот дел, но некои од нив и на огнената линија.
Тој посочи дека повторно има појава на огнени точки на планината Китка од страната на градот Скопје, на територијата на Општина Студеничани, и тоа во атарот на селото Количани и во атарот на село Цветово, кој е во ниските делови, не на Китка.
„Повторно некој подметнал нови пожари, врз коишто работат скопските пожарникари. Очекувам и сите тие набргу да бидат ставени под контрола, но кај еден од нив теренот е доста лош и постои можност да не биде брзо ставен под контрола“,
додаде тој.
Тој додаде дека останатите пожари што се активни на територијата на државата се релативно помали и не претставуваат загрозување за околните населени места.
