Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), при постапувањето по конкретни предмети поднесени од физички лица, користи редовна практика да одржува состаноци по барање на подносителот или по сопствено наоѓање со цел да се допрецизираат или појаснат наводите, односно сомнежите изразени од подносителот.
Со вакво соопштение излегоа од Антикорупциската комисија откако денеска во нивните простории беше Фросина Ременски за да пријави дека последниот директор на згаснатата УБК, Горан Николовски, живее во куќа во сопственост на адвокат на бизнисменот Орце Камчев.
Антикорупционерите велат дека сите предмети добиваат ист третман, без разлика на функцијата на подносителот на пријавата.
„Во функција на непристрасен и отворен пристап во постапувањето по предметите, во изминативе 12 месеци се одржани повеќе од 100 состаноци со граѓани без оглед на нивната функција и место во општеството. Податоците и информациите што се добиваат од овие состаноци, ДКСК ги користи во своето постапување, а конечните резултати ги соопштува на јавни седници. Како и досега, ДКСК во своето постапување ќе се раководи од начелата на законитост, праведност и интегритет, без оглед на тоа кој е подносител и против кој е поднесена пријавата и ќе се води по принципот на еднаков третман на сите предмети, без исклучок“,
наведуваат во соопштението од Антикорупциска.
Нивниот пристап во работата, велат тие, е забележан и од Европската комисија, која го истакнува тоа во последниот извештај.