Точно на двегодишнината од свеченото „отворање“ на најголемата судница во Северна Македонија, Управата за извршување санкции ќе ја отвора пристигнатата документација на тендерот за набавка на мебел за објектот
Само изградбата чинеше околу 1,3 милион евра, донација од ЕУ. И други донатори дадоа пари за опрема. Северна Македонија треба(ше) само да купи мебел
„Може да ме држите за збор“, кажа на 17 февруари годинава тогаш неодамна избраниот министер за правда Никола Тупанчески при гостувањето во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма. Реченицата се однесуваше на неговото ветување дадено во таа пригода дека пред одморите (се мисли на летните одмори 2022 година н.з.) конечно ќе биде опремена најголемата судница во државата.

За неупатените во темата, таа најголема судница во државата се наоѓа во кругот на Казнено-поправниот дом „Идризово“ и веќе еднаш беше „отворена“ на 17 мај 2020 година, кога министерка за правда беше Рената Тренеска-Дескоска. Парите за нејзината изградба, околу 1,3 милион евра, ги даде ЕУ. Целта на објектот во близина на најголемиот затвор е да се намалат огромните трошоци за транспорт и обезбедување кога се спроведуваат затвореници на судења во Скопје и во другите градови. Таквите спроводи чинат стотици илјади евра годишно.
Мебелот, за кој министерот даде збор дека ќе биде купен и поставен до летото, се проценува дека ќе чини 50-60 илјади евра. Како што покажа репортажата на „360 степени“ од почетокот на годинава, државата речиси две години одбира да троши стотици илјади евра на спроводи наместо да купи мебел за новата судница.
Не додржа зборот на министерот
Летните одмори, до кога министерот вети дека судницата ќе биде операционална, веќе се наѕираат и, се чини, дека Тупанчески веќе си го погази зборот. А зборот искажан при неговото гостување на ТВ Телма (17 февруари 2022 г.) е следниот:

„До крајот на оваа недела, значи тоа е утре, денес сме четврток, ќе биде распишан оглас. Ќе има тендер до крајот на март и моите очекувања или амбиции, мислам дека се реални, значи, можеби пред одморите, ќе имаме со што да се пофалиме. Може да ме држите за збор“,
изјави министерот за правда, Никола Тупанчески на 17 февруари 2022 г.
И навистина, а тоа може и да се провери, на 18 февруари е објавен оглас за купување мебел за судницата во „Идризово“. Со него се бара да се достават понуди најдоцна до 7 март 2022 година. Имајќи го предвид потребното време да се избере најдобар понудувач, да поминат роковите за жалби, па мебелот да се изработи и да се монтира, во тој момент изгледаше теоретски возможно, пред почетокот на летото, судницата да проработи.












Но, во текот на март, тендерот, на кој патем се чекаше речиси две години, е поништен. Тендерската документација содржела „битни пропусти“.
„При изработка на техничката спецификација се испуштени две ставки, направен е пропуст по однос на достава на мостри/каталози/проспекти/скици од производителот на стоки кои во тендерската документација се ставени како дел од техничка спецификација, а истите треба да се дел од техничка и професионална способност“,
пишува во известувањето објавено на интернет-страницата на Бирото за јавни набавки објавено на 16 март 2022 година.
Различен одговор, а под ист кров
Помина значително време од поништувањето на тендерот, па на 20 април 2022 година „360 степени“ повторно се обрати до ресорното Министерство за правда. Прашавме – до каде се набавките. Интересно, добивме два одговора – едниот од Управата за извршување санкции, кој беше подетален, и еден од електронската пошта на Министерството за правда.

Од Управата ни објаснија дека го подготвуваат новиот тендер уште кога бил поништен претходниот, но дека не можат да го распишат сè додека не добијат согласност од Владата поради антикризните мерки.
„Управата за извршување на санкциите веднаш (по поништувањето на тендерот н.з.) презеде мерки за подготовка на повторно распишување на јавна набавка на мебел во објект Судница во комплексот КПД Идризово. Но, од причина што на 28 седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 15 март 2022 година, е донесен предлог–антикризни мерки за рационализација на трошоците во јавниот сектор и е донесен заклучок под точка 2, во кој е предвидено дека во текот на 2022 година за започнување на нови постапки за набавка на мебел и возила, неопходни е согласност од Владата.
На 21 март 2022 година Управата изготви ИНФОРМАЦИЈА за добивање согласност за спроведување на постапка за јавна набавка на мебел за судница во комплексот КПД Идризово и ја достави до Владата на РСМ. Во моментот се чека добивање согласност за понатамошно продолжување на постапката и распишување на јавната набавка.
Дополнително, Ве известуваме дека, во меѓувреме, електронскиот систем за јавни набавки поради сериозни технички проблеми со инфраструктурата е недостапен за распишување на нови постапки и следење на тековните. По добивање согласност од Владата и по надминување на горенаведените проблеми, кои се надвор од надлежностите на Управата за извршување на санкциите, веднаш ќе се пристапи кон распишување на јавната набавка за опремување на судницата во КПД ‘Идризово’“,
одговорија од Управата за извршување на санкциите.
И додека Управата ни одговори дека чекаат зелено светло од Владата, од Министерството за правда, кое е во истата зграда со Управата, ни одговорија дека одобрение веќе има. Тоа било издадено еден ден пред „360 степени“ да ги достави прашањата. Вината што коригираниот тендер не е распишан ја префрлија на тогашните проблеми со системот на Бирото за јавни набавки.

„На ден 19 април 2022 година Владата ја усвои Информацијата за добивање согласност за спроведување на постапка за јавна набавка на мебел за судница во комплексот КПД Идризово и следи спроведување на постапката за распишување на јавната набавка. Дополнително, Ве известуваме дека, во меѓувреме, електронскиот систем за јавни набавки е недостапен за распишување на нови постапки и следење на тековните поради сериозни технички проблеми со инфраструктурата“,
велат од Министерството за правда.
Една недела откако „360 степени“ ги доби овие одговори, Управата за извршување на санкциите конечно распиша нов тендер за набавка на мебел за судницата во „Идризово“. Огласот е објавен на 29 април, а понудите ќе бидат отворени на 17 мај. Токму на 17 мај, во 2020 година, судницата во „Идризово“ веќе еднаш беше „отворена“.
Судења пред летово ѝ беа ветувани и на ЕУ
Најголемата (иако не и единствена) заслуга што во „Идризово“ има судска зграда, и тоа најголема во државата, е на Европската Унија, која оддели 1,3 милион евра од својот буџет. Судницата, всушност, е само првиот од серија градежни зафати во кругот на КПД „Идризово“, со што најголемиот затвор ќе стане и најголем притворен центар во земјата.
Идејата е следна – на едно место да бидат најголемото притворско и затворско одделение во земјата, а веднаш до нив да има и судница. Па, наместо обвинетите и осудените во високопрофилни случаи да се носат во центарот на Скопје и во други градови, да се затвора сообраќај и да се ангажираат специјални полициски единици за безбедност, тие ќе се судат во дворот на комплексот.
Кога пред пет-шест месеци „360 степени“ истражуваше зошто судницата не е готова, добивме став и од донаторот – Европската Унија. Фрек Јанмат, од позиција на шеф на Одделот за економски развој и владеење на правото при Делегацијата на ЕУ во земјава, кажа дека се задоволни од посветеноста на надлежните на темата владеење на правото. И покрај очекувањата судницата веќе да функционира, имаше разбирање што сè уште не е така, но и кажа дека очекува да има судења до почетокот на летово.

„Разбравме дека Владата има резервирано пари за работи како мебел и опрема за безбедност уште минатата година. Но, се случија одложувања, делумно поради ковид, што резултираа со тоа да не се одржуваат судења. Имаме блиска комуникација со надлежните, со министерството за правда дека наскоро ќе има судења во објектот и дека во првата половина на годината се предвидува објектот да биде функционален“,
изјави Фрек Јанмат, шефот на Оддел за економски развој и владеење на правото од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Имајќи предвид дека тендерот треба да се отвори на 17 мај, не е реалистично да се очекува дека пред летово ќе има судења во „Идризово“. Понудите треба да се разгледаат, да се одбере најдобар понудувач, да поминат роковите за жалби, па мебелот да се нарача и да се монтира. За тоа се потребни месеци, доколку тендерот повторно не пропадне.
Така, и јавноста и ЕУ и Министерството за правда, најверојатно, ќе почекаат до есен за вистински да го видат во употреба објектот изграден уште во првата половина на 2020 година.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.