Оваа година немаме потреба симболично да го одбележиме овој ден, зашто сме во синдикална пролет и борбата е секојдневна
На работодавачите и високите политички елити им порачуваме дека работникот во Македонија ќе ги почитува онолку колку што тие го почитуваат работникот, порачуваат од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.
Оваа синдикална пролет, наведуваат од КСС ќе ја одбележи тринеделниот штрајк што го почнаа просветните работници и напоменуваат дека борбата за работничките права се води секој ден.
„Оваа година немаме потреба симболично да го одбележиме овој ден, зашто сме во синдикална пролет и борбата е секојдневна. Од многуте светски и домашни кризи кои се појавија, економска, здравствена, социјална, енергетска… најмногу е погоден обичниот работник кој сите вртоглави покачувања на цените на основните производи, горивата, струјата го погодуваат најмногу и го осиромашуваат. А, она што го добива во замена за неговиот труд е многу малку за да може еден обичен работник да издржи еден цел месец и да обезбеди достоинствен живот за себе и за своето семејство“,
се вели во соопштението од КСС.
Според Конфедерацијата, работникот се повеќе и повеќе е обесправен, потценет, понижен.
„Оваа синдикална пролет ќе ја одбележи тринеделниот штрајк кој го почнаа просветните работници кои се во полн ек во својата борба да го вратат изгубеното достоинство кое го изгубија попат низ годините. Работниците нема веќе да бидат со наведнати глави и на сите прекршувања на законите да молчат. Но, синдикалното организирање уште еднаш покажа дека води кон резултати. И се уште најдобриот начин за унапредување на своите права е преку синдикално здружување и синдикално делување. Затоа, на овој меѓународен ден на трудот им порачуваме на сите работници да се обединат, зашто кога се заедно и обединети можат да си ги унапредат своите права без разлика дали се во приватен или јавен сектор“,
порачуваат од КСС.
