Личниот возач на Бојан Јовановски-Боки 13, Стојан Арсовски, денеска сведочеше во судницата за „Рекет“ во кое говореше и за патувањата во Милано.

На едно од тие две патувања, рече, застанале во Белград каде што имале вечера со Марина Туцаковиќ – познат српски текстописец и нејзиниот сопруг.
„На таа вечера во еден момент забележав како нејзиниот сопруг му даде коверт на Боки со значителна сума пари. На тоа се сеќавам зашто Бојан ми го даде ковертот да го ставам во неговата чанта. Следното утро продолживме за Милано”,
рече Арсовски.
Инаку, во врска со шопингот во Милано, преку фискални сметки со вкупна сума од 148 000 евра, обвинителството на претходните рочишта го докажуваше кривичното делото перење пари односно како се трошеле парите од рекетот.
Сведокот зборуваше дека Боки во Италија одел на настани организирани од светските модни куќи на кои се презентирале новите колекции пред да се пуштат во продажба и на таквите настани, рече, често дизајнерите подарувале модни парчиња.
Во текот на испрашувањето, адвокатот Дукоски му постави прашање на сведокот за здравствената состојба на Боки, а Русковска приговараше, по што тој објасни дека го поставува прашањето зашто во овој судски процес имало сведок кој рекол дека во периодот од 10 до 25 јануари 2019 на Боки во неговата канцеларија му биле дадени 250 000 евра.
„Веднаш по Божиќ, на 10 јануари, го однесов на закажан преглед во ‘Систина’ за втора операција. Потоа веднаш тој беше опериран, беше хоспитализиран 5 дена, а потоа 10-15 дена беше во домашна нега“,
сведочеше Арсовски.
Тој раскажуваше и за блискоста со Зоран Милески-Кичеец велејќи дека често се дружел со Боки, одел во телевизијата и во неговиот дом.
„Повеќепати доаѓал сам, во една пригода беше со Ана Камчева во домот на Боки“, рече шоферот, па Дукоски го праша дали носеле нешто во раце.
Сведокот одговори дека не носеле ништо.
Овој дел од неговиот исказ се поклопува со сведочењето на Камчева која во декември лани во судница зборуваше дека во домот на Боки однела 350 000 евра.
Орце Камчев, пак, посведочи возачот, бил многу љубезен со Боки, а во еден наврат му дал и подарок држач за слики.
Во СЈО, сведочеше тој, го возел Боки само еднаш на состанок, а го носел и во Владата, во МВР, во УЈП…
На крајот, Арсовски раскажуваше и за денот на апсењето кога беа запленети работите од автомобилот на Боки меѓу кои, како што рече шоферот, имало и негова гардероба која не му е вратена.