Од украинскиот сервис на медиумот пренесоа дека зградата во која живеела новинарката Вира Гирич била гранатирана синоќа, а нејзиното тело било пронајдено рано утринава под рушевините од зградата – мета на руските воени сили

Новинарката и продуцентка на украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), Вира Гирич, загина во Киев, откако руски воздушен напад ја погоди станбената зграда во која живееше во главниот град на Украина, пренесе РСЕ.
Од украинскиот сервис на медиумот пренесоа дека зградата во која живеела Гирич била гранатирана синоќа, а телото на новинарката било пронајдено рано утринава под рушевините од зградата – цел на руските воени сили.
„Како резултат на вчерашното гранатирање на Киев од руски ракети делумно се уништени првиот и вториот кат од 25-катна станбена зграда, а таму избувнал пожар. Според градските власти, уште четворица се хоспитализирани“,
стои во објавата на украинскиот сервис на РСЕ.
Вира Гирич ја започнала работа во киевското биро на РСЕ на 1 февруари 2018 година, а пред тоа работела во водечките украински ТВ-канали.
„Редакцијата на Радио Слободна Европа изразува сочувство до семејството на Вира Гирич и ќе ја памети како светла и љубезна личност, вистински професионалец“,
соопштија од украинскиот сервис на РСЕ.
Вчерашното гранатирање во Киев во кое загина и новинарката Гирич беше во време на посетата на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. Претседателот Володимир Зеленски изјави дека Русија извршила напад врз Киев веднаш по завршувањето на неговите разговори со генералниот секретар на ОН.