Со пресудата за овој случај, покрај затворската казна, за експремиерот беа досудени и шест условни казни, меѓу кои и за ексминистерот Миле Јанакиески

Врховниот суд го одбил барањето на експремиерот Никола Груевски за вонредно преиспитување на пресудата за случајот „Насилство во Центар“ со која тој правосилно е осуден на 1 година и 6 месеци затвор.
Од Основниот кривичен суд во Скопје информираа дека од Врховен им доставиле решение во кое барањето на Груевски, поднесено преку неговиот адвокат, „се отфрла како недозволено“.
Пресудата за „Насилството во Центар“ од првостепениот суд беше донесена на 29 септември 2020 година, а на 10 септември 2021 пресудата беше потврдена и од Апелацискиот суд во Скопје.
Со истата пресуда за виновни беа прогласени и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет други лица директни учесници на насилните протести пред Општина Центар во 2013 година. Но, тие добија условни казни затвор.
Овој случај беше еден од првите два за кои своевремено СЈО покрена обвинение. Вториот обвинителен акт поднесен заедно со тој за „Насилството во Центар“, беше за случајот „Тврдина“ (кој потоа беше споен во еден предмет со случајот „Таргет“).
Инаку, со обвинителниот акт за насилните протести пред Општина Центар првично беа опфатени 14 лица. Од нив двајца (еден тогашен советник и еден учесник на протестите) на почетокот на судскиот процес признаа вина и добија условни казни, а за двајца се раздвои постапка. За три лица, меѓу кои и тогашната советничка во Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, пак, обвинителството во своите завршни зборови го повлече обвинението.
Обвинителството во случајот тврдеше дека зад насилните протести стои ВМРО-ДПМНЕ иако фиктивно во јавноста било прикажувано дека нив ги организира здружението „Веритас“. Во јавноста, според Обвинителството, било прикажувано дека протестите се за да се спречи уривањето на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност поради бизнис-интереси целта била да се спречи промена на деталните урбанистички планови (ДУП), меѓу кои и тој за „Мал ринг“ во строгиот центар на Скопје.