Премиерот денеска зборуваше на форум по повод 100 дена од формирањето на новата влада на кој рече дека деновиве читал коментари оти неговата влада немала среќа бидејќи од прв ден се соочила со големи предизвици – воена и економска криза, меѓутоа порача дека државата има среќа што ја предводи токму оваа влада. Меѓу историските чекори што ги направил неговиот владин тим во првите 100 дена од мандатот тој ги издвои зголемувањето на минималната плата на 18 000 денари и покачувањето на пензиите

Успехот на разговорите со Бугарија може да се постигне само врз основа на разговор кој се базира на европските вредности, но и на принципот на почит помеѓу институциите и граѓаните и принципот на достоинство. И двете страни мора да го чуваат и да го задржат достоинството на граѓаните на двете држави, порача премиерот Димитар Ковачевски зборувајќи на тема за евроинтеграциите на Северна Македонија на денешниот владин форум по повод 100 дена од формирањето на Владата.
„За жал, честопати дискусијата знае да биде преземена од националисти и популисти и тоа не е добро, меѓутоа ние како влади кои се европски ориентирани имаме обврска да наметнеме наратив кој ќе биде позитивен, насочен кон иднината и ќе овозможи отпочнување на преговорите. Но тој наратив мора да се базира на европски вредности, почит и достоинствен разговор“,
рече Ковачевски.
Премиерот порача и дека ние како држава изминатите 30 години имаме направено многу и сме се откажале од многу со цел да ги исполниме критериумите за членство во ЕУ, а дека тоа е така потврдуваат и позитивните извештаи на Европската комисија (ЕК) за земјава.
Ковачевски на форумот зборуваше за направеното во првите 100 дена велејќи дека деновиве читал коментари дека неговата влада немала среќа бидејќи од прв ден се соочила со големи предизвици – воена и економска криза, меѓутоа порача дека државата има среќа што ја предводи токму оваа влада.
„Среќа е што токму оваа Влада ја има одговорноста да се носи со сите овие предизвици. Среќа е затоа што, одговорно тврдам, дека за 100 дена донесовме тешки, принципиелни и пред сè државнички одлуки со кои ги штитиме граѓаните, нивниот стандард и нивните приходи. Докажавме дека со добар менаџмент, одговорно управување, со парите на граѓаните и чесна работа може да се надминат и најтешките предизвици“,
рече Ковачевски.
Според премиерот, Владата во досегашниот мандат во оваа криза се фокусирана на три приоритети: заштитата на животниот стандард; одржливиот економски раст односно продолжување на програмите за раст на производството и на извозот, како и на стопанската активност; и зголемување на бруто инвестициите, доминантно од државниот буџет, но и на приватните инвестиции.
Тој се пофали со 26 антикризни мерки, како што се намалувањето на ДДВ и акцизите за енергенсите и укинувањето на ДДВ за основните прехранбени продукти, но и со напредокот во енергетската транзиција кон чисти и обновливи извори на енергија од што го издвои пуштањето во употреба на фотонапонската централа „Осломеј“.
Како два историски чекори кои Ковачевски посебно ги истакна се зголемувањето на минималната плата на 18 000 денари и, како што рече, рекордното покачување на пензиите вклучувајќи ја и финансиската поддршка за пензионерите од по 1 000 денари месечно за период од три месеци. Со овие мерки во просек, рече тој, на годишно ниво домашниот буџет на пензионерите ќе биде поголем за околу 12 000 денари.