Министерот смета дека топката сега е на половината на Бугарија бидејќи ние сме направиле сè што сме можеле и порача дека сега Софија е таа која треба да седне и да мисли дали ќе го спречи цел прогрес на државата и ќе ги стави цел регион и граѓаните како заложници. А тоа, вели тој, граѓаните ќе го паметат и ќе остави далекусежни последици врежани во нивните чувства
Вметнувањето на Бугарите во Уставот на земјава, според шефот на дипломатијата Бујар Османи, е созревање на процесот.
Османи во вечерашното гостување на ТВ 21 оцени дека тоа е најдоброто решение за да се помести дебата од тоа некој да им кажува на луѓето што биле, а што не.
„Објаснувам за потребата за внесување, тоа е созревање на процесот, рефлексија на созреаниот процес, којшто јас мислам дека е резултат и на преговарачкиот процес. Можеби не сум скромен, но мислам дека бидејќи јас сум еден од тие што први го спомнаа овој начин на излегување од ситуацијата – преку внесување на бугарската заедница во Уставот, сметам дека тоа е најдоброто вин-вин решение за да се поместиме од таа дебата ние да им кажеме на луѓето кои биле, кои не биле. Никој не смее да каже никому како се чувствува тој. Тоа е интимно прашање и апсолутно не е прашање на билатерални односи и европска интеграција“,
рече Османи.
Сепак, вели то, тоа не можеме да го направиме пред почетокот на преговорите со ЕУ.
Министерот смета и дека сега е најдобрата шанса за одблокирање на интеграцискиот процес на Северна Македонија кон ЕУ. Тој вели дека му е страв оти после оваа шанса ќе има се помалку политички капитал, енергија и храброст од кој било политичар да навлезе во ова прашање.
„Очекувам понатаму секој да се сврти кон прашањата дома и се разбира ќе чекаме ЕУ да каже што понатаму бидејќи ние направивме сè што можеше и не можеше да се направи, па дури и во разговорите со Република Бугарија. Но, и во овој дел во разговорите и барањето решенија за овие сензитивни прашања целиот свет знае што ние направивме. Така што топката не е повеќе во наша половина, топката е во Софија. Тие треба да кажат дали ќе преземаат стратешко лидерство во овие тешки времиња за континентот, дали ќе го стават заложник целиот регион, меѓутоа и иднината на граѓаните. Граѓаните ќе памтат кој го спречил прогресот на оваа држава, пој ги поделил синовите од родителите затоа што треба да ја напуштат земјата и да планираат иднина негде. Тоа ќе остави далекусежни последици врежани во чувствата на овој народ и овие граѓани и Република Бугарија треба сериозно да седне и да мисли дали ќе го носи тоа бреме“,
рече Османи за ТВ 21.