Сите што пристигнуваат во земјава од Милано и Венеција ќе пополнуваат картички со лични податоци и адреса на која престојуваат во Македонија
Сите патници што се враќаат од Милано и Венеција со компанијата „Визер“ од денеска ќе треба писмено да остават информации и адреса на која ќе престојуваат во Македонија, најави министерот за здравство Венко Филипче. На овој начин, како што вели, во случај да покажат симптоми на коронавирус, здравствените власти полесно ќе можат да ги контактираат.
„Тие пополнуваат ваква картичка во авионите. Авиокомпанијата се согласи и мислам дека е одлична мерка. Кога доаѓаат во нашата земја, ќе оставаат податоци за полесно лоцирање. Доколку по одреден број денови се јави некој патник со симптоми, многу лесно ќе биде да ги најдеме сопатниците, особено оние што седеле во близина на заболениот патник“,
изјави Филипче.
За покачувањето на цените на заштитните маски и средствата за дезинфекција засега нема санкции за ниту една аптека или дистрибутер. Филипче вели се чека извештајот од Државниот пазарен инспекторат, кој од досегашниот увид го известил дека зголемувањето се должи на поголемата увозна цена, што допрва ќе се испитува.
Дезинфекциските средства за училиштата, министерот вели се набавени и од денеска ќе почнат да се дистрибуираат.
Останува и препораката за забрана за јавни собири која важи до 6 март. Дотогаш Филипче најави дека Владата ќе излезе со нови препораки во зависност од состојбата со ширењето на вирусот.
Засега единствен потврден случај на коронавирусот останува педесетгодишната жена на Инфективната клиника, а сите што се во изолација досега не покажале симптоми на вирусот.