Претседателот на опозицијата го повика Ковачевски да размисли за оваа понуда, да не брза и порача дека премиерот има рок од 10 дена да одговори
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција го повика премиерот Димитар Ковачевски на јавна средба, на која, како што вели, ќе треба да договорат датум за одржување предвремени парламентарни избори.
„Јавно и отворено предлагам до Ковачевски отворена и јавна средба на која ќе разговараме и ќе договориме датум за предвремени парламентарни избори како решение за состојбите во Македонија. На тој состанок имам намера да предложам четири тима составени од ВМРО-ДПМНЕ, во кои ќе бидат луѓе со искуство и луѓе кои се покажале и докажале во минатото во четири акутни области во кои се детектирани клучните проблеми во земјата“,
изјави Мицкоски.
Мицкоски потоа го соопшти и предлог-составот на тимовите кои би соработувале со власта во периодот од сега до денот на одржувањето на парламентарните избори и тоа, како што нагласи Мицкоски, ќе го прават без никакви привилегии.
„Првиот тим ќе се однесува во делот за економијата и ќе го предводат двајцата потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мислајловски и Гордана Кочоска, а во тимот ќе бидат уште и Трајко Славески, Маја Кадиеска Војновиќ и Зоран Ставрески. Вториот тим ќе биде тим за надворешна политика и преговори со Бугарија со кој ќе раководат Александар Николоски и Муцунски, Милошоски, а ќе бидат вклучени и Марјан Ѓорчев и Гордана Силјановска-Давкова. Третиот тим е во делот на здравството предводен од Игор Николов, а дел од тој тим ќе бидат Синиша Стојановски, Ристе Симеонов и Жаклина Шопова. За крај, четвртиот тим е во делот на образованието, со кој ќе предводи професор доктор Весна Јаневска, а дел од него ќе бидат Бети Стаменковска, Благица Ласовска, Христина Серафимовска и Марија Митева“,
изјави Мицкоски.
Претседателот на опозицијата го повика Ковачевски да размисли за оваа понуда, да не брза и порача дека премиерот има рок од 10 дена да одговори на неговата понуда.
„Очекувам одговор од Ковачевски во следните десет дена, нека биде краен рок 10 мај, вторник. На таа средба да разговараме и за актуелните прашања поврзани за изборите, но и за сè останато што е важно и она што граѓаните го очекуваат од нас,
порача Мицкоски.