Мислам дека во иднина ќе има сè помалку сила, енергија и храброст кај кој било политичар храбро да се занимава со оваа тема, вели шефот на дипломатијата во интервју за бугарската телевизија БТВ
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во интервју за бугарската телевизија БТВ, оценува дека сега е вистински момент за решавање на отворените прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија, но предупредува дека доколку тоа не се случи во блиска иднина спорот би можел да се претвори во „замрзнат конфликт“.
„Мислам дека во иднина ќе има сè помалку сила, енергија и храброст кај кој било политичар храбро да се занимава со оваа тема. Затоа се плашам дека за месец-два ова ќе се претвори во замрзнат конфликт кој ќе трае со години, со сите последици што ќе произлезат од нашите односи, нашата внатрешна политика и можностите за регионот. Убеден сум дека во втората половина од оваа година нема да ја имаме истата сила да бидеме целосно посветени, со сета енергија на власта, за решавање на ова прашање, како што тоа го правиме сега“,
изјави Османи.
Тој вели дека доколку се пропушти оваа шанса, ќе се продолжи со конструктивна работа на оваа тема, но нагласува и дека во тој случај Владата ќе треба да се занимава и со други прашања во нашата држава.

Во однос на прашањето за неодамна објавените резултати од пописот, според кои во земјава има 3 504 декларирани Бугари, а според Бугарија бројот на граѓани со бугарски пасош е многу поголем, Османи вели дека се посегнува по бугарски пасош бидејќи е европски и нуди повеќе можности.
„Немаме точни информации колку граѓани имаат бугарски пасоши. Се разбира, бугарскиот пасош има многу повеќе предности од македонскиот бидејќи е европски пасош. А, луѓето се принудени да земаат бугарски пасош од социјални причини. Значи, не можат да се поистоветуваат државјанството и етничката припадност. Но, прашањата за пописот, прашањата за правото на граѓаните слободно да се дефинираат, мислам дека се апсолутно суштински – Република Северна Македонија ги гарантира и, се разбира, сè повеќе и повеќе ќе ги зајакнува“,
истакнува Османи.