Утре, пак, во посета на земјава треба да пристигне помошник-државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Керен Донфрид. Како што минатата недела соопшти Стејт департментот, нејзината посета ќе биде за да ја сигнализира силната поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ
По вчерашната посета на Софија, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји се очекува денеска да престојува во Скопје. Вчера од Бугарија тој порача дека преговорите со земјава треба да започнат до јуни годинава, а посетата ја заврши со порака на Твитер дека нема повеќе време за губење.
„Ја завршив мојата посета на Софија со надеж дека ќе можеме да продолжиме со нашата политика на проширување, додека руската војна прави да вложуваме повеќе напор во тоа. Му благодарам на премиерот Кирил Петков за отворената дискусија за идните чекори, кои ќе нè однесат до отворање на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Албанија“,
напиша синоќа Вархеји.
Еврокомесарот вчера учествуваше на Регионалниот форум за односите меѓу Европската Унија и Балканот (EU meets Balkans) во Софија каде што исто така зборуваше на оваа тема и кажа дека е разочаран затоа што и после две години се зборува за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Тој порача дека ЕУ нема интерес да се одложуваат првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана велејќи дека ќе оди во Софија колку што е потребно за да се најде решение до јуни годинава.
„Сите земји членки треба да ја разберат трансформативната моќ на процесот на пристапување. И ова е пораката што ја носам во Софија повторно, бев тука пред три седмици и ќе доаѓам колку што е потребно за да се реши ова прашање во јуни годинава, бидејќи војната во Украина ни покажа дека ниту имаме време за губење, ниту интерес да се одложува овој процес“,
рече Вархеји.
Утре, пак, во земјава треба да пристигне помошник-државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Керен Донфрид. Како што минатата недела соопшти Стејт департментот нејзината посета ќе биде за да ја сигнализира силната поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
„На 28 април во Северна Македонија, таа ќе се сретне со владините лидери за да ја сигнализира нашата силна поддршка за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ и да им се заблагодари за нивната постојана помош за Украина. Таа ќе ја охрабри најновата земја-членка на НАТО да ја продолжи блиската соработка за низа регионални, безбедносни и одбранбени прашања за промовирање на демократијата и регионалната соработка“,
соопшти Стејт департментот.
Во агендата на Дојфрид се земјите од Западен Балкан и нејзината турнеја започна на 25 април од Косово, а продолжи во Србија и Босна и Херцеговина. За време на посетата, таа ќе биде и во Албанија и во Црна Гора.