Порано денеска, пак, еврокомесарот за проширување на Унијата, Оливер Вархеји, од Софија порача дека е разочаран што и натаму се разговара кога Северна Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ
Актуелната состојба на Западниот Балкан, во контекст на кризата предизвикана од руската воена инвазија на Украина и последните случувања во дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, беа меѓу темите на разговор на денешната средба на бугарскиот премиер Кирил Петков со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, соопшти прес-центарот на бугарската Влада.
Како што се вели во соопштението, Петков на средбата ја потврдил желбата за изнаоѓање заемно прифатливо решение за отворените политички прашања со земјава, имајќи предвид дека станува збор за теми што се чувствителни за Бугарија.
Петков истакнал и дека интензивирањето на секторската соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија придонесува за градење меѓусебна доверба и разбирање.
Порано денеска, Вархеји во рамките на својата посета во Софија, за време на панел-дискусијата на тема „ЕУ се среќава со Западен Балкан во Софија“, изрази разочараност што и натаму се разговара за прашањето кога Северна Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ.
„Ќе доаѓам во Софија толку често колку што е потребно за да може да се дојде до решение до јуни годинава. Војната ни покажа дека немаме време за губење. Не само што немаме време, туку немаме интерес, немаме интерес да губиме повеќе време“,
изјави Вархеји.
Вархеји истакна дека е разочаран и поради тоа што и натаму не е донесено решение за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
„Главното прашање е кога ќе почнеме да работиме на вистинско членство. Ова е големото прашање кога се работи за Северна Македонија и Албанија. Не можам да сокријам дека сум крајно разочаран што ова прашање се уште е на дневен ред. Мислевме дека го решивме пред две години, но сега излезе дека прашањето повторно е на дневен ред“,
рече Вархеји.