Сосед, кој живее веднаш до чајџилницата во Чаир во која синоќа се случило пукањето, за „360 степени“ сведочи што видел неколку секунди по настанот
„Сите беа преплашени. Им носев вода да се напијат и да се измијат. Ми раскажаа дека напаѓачите пукале од влезната врата и побегнале“, раскажува тој
Секунди по пукањето во чајџилницата влегол првиот комшија чија куќа е лепенка со куќата во чие приземје е локалот. Внатре на подот биле легнати околу 15 луѓе. Почнале да стануваат кога му го слушнале гласот и сфатиле дека е соседот.
„Почнаа да се движат и да стануваат сите освен еден. Тој безживотно лежеше на подот. Двајца беа повредени во нозете, а еден во раката“,
раскажува тој за „360 степени“.
Тој поминувал мирна квечерина во својот дом. Два часа по вечерата за ифтар слушнал силно тропање на металната порта на која и сега стоеше додека раскажуваше. Веднаш излегол, но пред чајџилницата немало никого. Се појавил на влезната врата и го видел ужасот. Тогаш сфатил дека звуците што ги слушнал не биле тропање по портата туку пукање.

„Сите беа преплашени. Им носев вода да се напијат и да се измијат. Ми раскажаа дека напаѓачите пукале од влезната врата и побегнале“,
раскажува тој.
Повредените ги однеле во болница со приватни автомобили, а човекот што не давал знаци на живот со амбулантно возило. Починал 40 минути подоцна на скопските клиники.


Влезот на чајџилницата сега е пломбиран и излепен со написи „МВР – криминалистичка техника“. Стаклото на вратите до половина е залепено со непроѕирна фолија. Поглед над фолијата доловува што се случувало внатре вечерта – крвави плочки на подот, ознаки со броеви на доказниот материјал, расфрлен мебел…

Пред чајџилницата паркиран сив автомобил, а до него има траги од крв на асфалтот. Од лево црвен автомобил исто со лепенки „МВР – криминалистичка техника“.


Нападот се случил на улицата „Ферид Заири“ во скопската населба Чаир. Сивата куќа во која е чајџилницата е близу основното училиште „Имри Елези“.
„Не слушам добро, викајте посилно“, нè советуваше сосетката која живее отспротива, а излезе на прошетка со кучето. Ни покажа дека носи апаратче за слушање, што било причина да се шокира од глетката кога вечерта излегла пред куќата.

„Кучето почна да лае, затоа излегов. Пукањето не го слушнав. За да видам поубаво, се качив на балконот од куќата. Видов амбулантно возило, метеж. Во чајџилницата се собираат секоја вечер и прават многу врева. Инаку, маалото е мирно“,
рече таа.
Во уличката има неколку автомеханичарски работилници. Луѓето што работеа во нив ни кажаа дека денеска наутро слушнале за настанот. „Нѐ изненади полицијата утрово“, кратко прокоментираа.
Пред објектот имаше полицајци. Иако во цивилна облека, препознатливи беа и други службени лица во уличката. Неколкумина влегоа во една куќа на чии ѕидови имаше поставено безбедносни камери.
Според официјалното полициско соопштение, инцидентот е пријавен вчеравечер во 21:40 ч. Во чајџилница на улица „Браќа Реџепагиќ“ пукале со автоматско оружје две лица, чиј идентитет сѐ уште не е познат, при што едно лице е убиено, а три се повредени.
„Ј.И. (47) од Скопје бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што околу 22:20 часот починал, додека М.А. (43) и Л.Ш. (42) од Скопје биле пренесени во градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош, а во комплексот клиники „Мајка Тереза“ со повреди – исекотини на раката бил донесен А.И. (30) од Скопје“,
велат од МВР.
Синоќа дежурен јавен обвинител извршил увид. Од Обвинителството велат дека издадени се наредби за прибирање и анализа на трагите пронајдени на самото место, како и наредба за обдукција на починатиот. Обвинителството обезбедило и снимки од видеонадзорот на околните објекти.
Дел од медиумите јавуваат дека убиениот е Јонуз Идризи, брат на Камбер Идризи, кој бил убиен за Рамазан бајрам минатата година.