Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, во вечерашната емисија „200“ на Алсат, рече дека меѓу клучните забелешки што ги имаат кон СДСМ е реториката што се практикува во последниов период.
„Поранешниот премиер и сегашен претседател на СДСМ, Зоран Заев, бара од гласачите 61 пратеник за да не го уценувала ДУИ. Тоа е помината реторика од времето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кога велеа дадете ни 61 пратеник за да не не уценуваат Албанците“,
рече Османи.
На неговата забелешка реплицираше заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, кој рече дека иднината е во мултиетничноста во земјата.
„СДСМ има пратеници и потпретседател на партијата Албанец, има министер во владата Албанец, верувам, како граѓанин и би било добро и ДУИ да има во своите редови министер Македонец. Споредете го ова општество со она претходно. Ова е друг пристап и тој е поздравен, тоа е иднината“,
рече Жерновски.