За случајот се огласија и бугарските власти. Официјален претставник на владата во Софија, за новинската агенција БГНЕС, потврдил дека руски државен авион летал низ воздушниот простор на Бугарија. Изворот на агенцијата појаснил и дека се работи за лет кој го дозволило бугарското МНР и кој имал хуманитарна цел – да ги земе руските дипломати

Рускиот авион Иљушин-Ил-96-300, на специјален лет од Сочи, денеска наутро слетал во Белград прелетувајќи преку Бугарија, иако оваа земја официјално го затвори својот воздушен простор за руските авиони уште во февруари, јави српската телевизија Н1.
Според податоците објавени на веб-страницата flightradar24.com, авионот полетал од Сочи околу 8 часот наутро, а слетал на белградскиот аеродром околу 9:30 часот. Во категоријата „авиокомпанија“ на оваа специјализирана страница што ги следи летовите низ светот стои „Rossiya – Special Flight Squadron“, што е ознака за руските државни авиони.
На веб-страницата на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, пак, нема информации за овој лет. Од друга страна, пренесува Н1, љубителите на авијацијата на Инстаграм објавија фотографии од овој авион на пистата на белградскиот аеродром.
Според податоците достапни на интернет, вакви летови веќе се реализирани од почетокот на војната во Украина за да се вратат руските дипломати во Русија, кои беа прогласени за персона нон грата во земјите каде биле на служба.
Веб-страницата flightradar24.com покажува дека истиот авион летал од Москва до Копенхаген во Данска на 17 април, но избегнал да лета над земји кои забраниле летови со руски авиони.
За случајот се огласија и бугарските власти. Официјален претставник на владата во Софија, за новинската агенција БГНЕС, потврдил дека руски државен авион летал низ воздушниот простор на Бугарија. Изворот на агенцијата појаснил и дека се работи за лет кој го дозволило бугарското МНР и кој имал хуманитарна цел – да ги земе руските дипломати.