Највисок интерес во овој момент е децата да го добијат правото на образование гарантирано со Уставот, рече вицепремиерот за економски прашања во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, смета дека зголемување на платите во образованието, макар и за 10% како што предлага Влада, ќе влијае на зголемување на инфлацијата, но вели дека тоа е пресметан ризик. Во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат тој рече дека треба да се види што е највисок интерес.

„Највисок интерес во овој момент е децата да го добијат правото на образование гарантирано со Уставот. Без разлика на сите чинители. Ние направивме исчекор, да кажеме, иако имавме одредени планови, ние свесно влеговме во оваа спирала на зголемување на плати, но тоа треба да се случи кога ќе се процени дека е најмал негативниот ефект“,
вели Битиќи.
Битиќи вели дека треба да се зборува и за продуктивноста, правејќи паралела меѓу приватниот и јавниот сектор.

„Во приватниот сектор бараме продуктивност и ефикасност, треба да се бара истото и во јавниот сектор. Ако овде бараме рационализација и оптимизација, тоа треба да го примениме и во јавниот сектор“,
вели Битиќи.
Прашан за ставот на СОНК дека квалитетот на учениците што произлегуваат од нашиот образовен систем зависи и од лошите услови за работа, немањето соодветни помагала…, Битиќи одговори дека одговорноста е кај сите вклучени во системот.
„Промената доаѓа од нас. Ако јас денеска од осум часа одработам осум минути, виновен да ми биде мојот колега?! Јас сум виновен. Ако треба денеска да поминам комисија на која има 90 точки и комисијата не ја свикувам четири недели, никој не е крив, јас сум крив. Почнува од нас. Така што, кривицата и одговорноста треба да ја гледаме во нас лично. Сите сме во еко-системот и секоја единка во еко-системот е крива и одговорна за состојбите“,
смета тој.
Како што раскажа вицепремиерот, и самиот на синдикатите им рекол дека заслужуваат повисоки и достоинствени плати, но со вредносни принципи и одржлива методологија.
