Министерот за здравство Беким Сали вчера потврди дека епидемиолошката состојба продолжува да се подобрува, но сепак предупредува дека граѓаните треба да останат внимателни, а институциите подготвени. Уште еднаш повика на вакцинација против ковид-19, укажувајќи дека во моментов процентот на вакцинирани е и натаму низок, 46 отсто и дека интересот за вакцинација се намалува
Бројот на активни случаи на ковид-19 во земјава продолжува да опаѓа и во моментов изнесува 802. Се намалува и бројот на новозаболени и на починати, а низок е и дневниот број на заразени.
Над половина од активните (431) се Скопје, а повеќе од 100 има уште само во Битола каде што се евидентирани 126. Болни од ковид нема во Крива Паланка, Дебар, Богданци, Кратово, Македонски Брод и Дојран, а само по еден случај има во Свети Никола, Виница, Пробиштип, Крушево, Демир Хисар, Демир Капија, Пехчево и Македонска Каменица.
Во претходното деноноќие беа забележани 127 нови случаи од 1.908 тестови што е околу 6,6 отсто.
И министерот за здравство Беким Сали вчера потврди дека епидемиолошката состојба продолжува да се подобрува, но сепак предупредува дека граѓаните треба да останат внимателни, а институциите подготвени. Уште еднаш повика на вакцинација против ковид-19, укажувајќи дека во моментов процентот на вакцинирани е и натаму низок, 46 отсто и дека интересот за вакцинација се намалува.
Состојбата со ковид-19 се подобрува и во светот. Според евиденцијата на сајтот „Ворлдметерс“, во изминатите седум дена на глобално ниво бројот на новозаболени е намален за 30 проценти, а само во Европа за 31 отсто. Значително зголемување од 127 проценти се бележи во Кина каде што во изминатата седмица се регистрирани 21,5 илјади случаи.
Податоците за Северна Македонија покажуваат дека бројот на новозаразени е намален за 23, а на починатите за 72 отсто. Вкупниот број ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 308 878, бројот на оздравени е 298 811, а на починати 9 265.
Засега нема нови препораки од Комисијата за заразни болести за ублажување на мерките.
Од вчера престана да важи обврската на домашните и странските државјани кои влегуваат во земјава задолжително да приложат сертификат за извршена вакцинација, сертификат за прележан ковид-19 во последните 180 дена, медицинска потврда за негативен ПЦР-тест направен 72 часа пред влезот во државава или негативен брз антиген-тест направен 48 часа пред влезот во земјата.
Веќе не важи и мерката за домашна изолација/карантин во времетраење од седум дена за лицата кои при влез на граничните премини нема да приложат еден од досега предвидените сертификати или потврди.
Претходно, беше укинато и задолжителното носење маски во основните и средните училишта и во затворени простории, освен во болници, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица. Не се бараат ниту сертификати за влез во шопинг-центри.
Засега останува во сила обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или за прележаност за затворените делови на угостителските објекти.