Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека е украдено масло во вредност од два милиона евра
Утрово се случила нова кражба во фабриката „5 летерс“ за производство на марихуана, тврди пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
„Утрово повторно кражба на марихуана, овој пат на масло во вредност од 2 милиона евра во ’5 летерс‘ кај Алданци. Ако веќе 5 дена го чекаме Спасовски да каже за кражбата на оружјето, бомбите и муницијата во СВР Охрид, може да се претпостави дали и кога ќе го расветли случајов со кражбата на масло од марихуана“,
објави Ковачки на Фејсбук.
Станува збор за фирма, чие производство е лоцирано во крушевското село Алдинци. Таму во декември 2020 година беа украдени 60 килограми марихуана, а при увид во фабриката беше пронајдена и непријавена количина канабис.
Лани од Владата објавија дека на оваа фирма во февруари ѝ е одземена лиценцата бидејќи не ги задоволува одредбите од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.