Од почетокот на генералниот штрајк на 11 април Народниот правобранител досега примил четири до пет претставки – сите поплаки од родители бидејќи не се во можност децата да ги пратат во училиште, особено за сместувањето во градинките.
Народниот правобранител Насер Зибери, во заедничка изјава со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, соопшти дека сите претставки се поплаки бидејќи нема настава, но нема претставки за попречување на штрајкот.
Во една претставка, рече тој, напишано е дека тие го поддржуваат штрајкот на наставниците, но со молба тој како правобранител да преземе мерки наставниот процес да продолжи.
„Значи, се работи за паралелно, со Устав гарантирани права. Но во ваква ситуација, според меѓународните документи и Конвенцијата за правата на детето, во случај на судир на две права, предност треба да се даде на правата на детето, што значи не треба воспитно-образовниот процес да трпи последици“,
изјави Зибери за медиумите по отворањето на тркалезната маса за унапредување на правата на децата со попречености.
Шаќири, пак, изјави дека нема проблем дијалогот со СОНК да продолжи, но и дека сака образовниот процес што побргу да се врати во нормала.
„Во ниту една ситуација не сум обвинувал никого како министер, но што се однесува до образовниот процес сакам што побрзо да продолжи. За оваа значајна тема ние може со претставници на СОНК и неговиот Совет секој ден да ги продолжиме преговорите, но не сакам последици да има образовниот процес. На пресот на СОНК се кажа дека членовите и дел од координаторите на СОНК во нивната комуникација кажале дека 95 отсто не прифаќаат 10 проценти покачување, а 5 проценти прифаќаат. Ако се вратиме наназад во годините, овие 10 отсто се највисок процент за покачување на платите во основното и средното образование. Но пак кажувам, не застануваме тука, имаме простор за дискусија, но секогаш да се има предвид дека овој процент во овој момент е во една многу друга ситуација зашто во претходните години немало ваква економска криза“,
изјави Шаќири за медиумите по отворањето тркалезна маса за унапредување на правата на децата со попречености.