Холандските пратеници од Комисијата за европски прашања в четврток, 5 март, ќе расправаат за проширувањето кон Западен Балкан, информира холандскиот парламент.
Како што јавува МИА, станува збор за „процедурална средба“ на парламентарната Комисија за европски прашања на која пратеници ќе „одлучуваат за начинот на кој ќе се третираат“ разни документи, вклучително и „владини ноти“ за проширувањето на ЕУ и Западниот Балкан. Тоа вклучува и теми за буџетот на ЕУ, работната програма на Европската комисија, Брегзит и Конференцијата за иднината на Европа.
Позициите на холандскиот парламент за проширувањето потоа ја обврзуваат владата во ЕУ. Минатата година холандскиот парламент се изјасни против отворање преговори со Албанија, но позитивно за Северна Македонија.
Пратениците треба да ги разгледаат последните извештаи за напредокот во реформите на Скопје и Тирана, како и предложената ревидирана методологија за пристапните преговори.