Во изборен модел со една единица се отвора и друго прашање, а тоа е фокусот на кампањата. Има опасност од централизирање на кампањата, ќе се занемаруваат руралните места, а тоа на подолг период може да ја загрози географската застапеност, вели универзитетскиот професор
Универзитетскиот професор Вели Креци ја смета за позитивна идејата за промена на изборниот модел од актуелниот со шест изборни единици во една изборна единица со отворени листи. Во вечерашното дебатно издание на „360 степени“, во кое се разговараше токму за можна реформа на изборниот модел, Креци, сепак, предупреди дека таквиот чекор мора да биде донесен со широк политички консензус и дека треба да се очекува дека тоа би донело и промени кај гласачкото тело.

„Секоја промена на ваков крупен процес ќе носи промена и во однесувањето. Не може да очекуваме дека денешното гласачкото тело ќе гласа на ист начин по промена на изборниот модел. Мислам дека и тоа мора да се има предвид. Во таков случај, најверојатно, ќе имаме повеќе полтички партии кои ќе сакаат да влезат во изборниот процес. Понатаму, под знак прашање е и колку помалите партии ќе може да опстанат во една изборна единица. Мора да имаме поширок консензус при оваа изборна реформа. Исто така, не смее да се превиди и можниот проблем во географската застапеност и во претставувањето на населението при усвојувањето на модел со една изборна единица“,
вели Креци.
Неговите анализи, кои се темелат на искуствата од други земји, се дека при транзиција во изборен модел со една изборна единица мора да се разговара и за висината на изборниот праг – колку проценти од електоратот треба една партија да освои за да се квалификува за распределба на мандатите во Собранието.

„Во модел со една изборна единица ќе се види колкава е реалната моќна на помалите партии на терен. Но, и во овој модел, поголемите партии ќе имаат потреба од коалицирање за да се формира стабилна влада. Значи, пак ќе имаме коалицирање, пред или по изборите. Но, во изборен модел со една единица се отвора и друго прашање, а тоа е фокусот на кампањата. Има опасност од централизирање на кампањата, ќе се занемаруваат руралните места, а тоа на подолг период може да ја загрози географската застапеност“,
анализира Креци за „360 степени“.
Неговата оценка е дека отворени листи, секако, се демократски чин, но прашува колку земјата има институционален капацитет за спроведување на избори со отворени листи.
