Освен повисоки откупни цени, производителите на зелка побараа и итна средба со министерот за земјоделство Љупчо Николовски најдоцна до недела, а доколку не се случи тоа, тогаш, како што истакнаа, ќе го радикализираат протестот со блокирање на патишта
Производителите на пролетна зелка со трактори по улиците на Струмица денеска излегоа на протест и со едночасовна блокада на главната крстосница го искажаа своето незадоволство од ниските откупни цени.
Тие бараат зелката да не се откупува под 30 денари за килограм и побараа итна средба со министерот за земјоделство Љупчо Николовски и Инспекторатот за земјоделство.
Како што кажаа на протестот, договореното од последната средба со откупувачите и Инспекторатот за земјоделство, зелката да се откупува по 20 денари за килограм во текот на оваа седмица согласно законот не се почитува и денеска откупната цена е 15 денари.
„За да опстанеме и да можеме идната година година повторно да ја засадиме оваа култура откупната цена треба да изнесува 30 денари за килограм. Бараме итна средба со министерот која ќе се одржи најдоцна до недела и доколку не се случи тоа тогаш ќе го радикализираме протестот со блокирање на патишта“,
рече Васе Панов производител на пролетна зелка.
На протестот истакнаа дека дел од трговците прават манипулации при откупот, односно се пишува дека зелката се откупува по 20 денари, а се намалуваат килограмите на откупеното и зелката се исплаќа по 15 денари за килограм. Затоа земјоделците бараат реакција од надлежните со цел спречување на таквите манипулации.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски истакна дека пласман за зелката има, а протестот е насочен кон цената и трговците. Според него, инспекторите се на терен со цел максимална заштита на производителите.
„Го следиме откупот, нема простор за загриженост зашто пласман има. Протест е насочен кон цената и трговците. Инспекторатот ги презема сите мерки и контроли, целосно е фокусиран во Струмичко, во градинарскиот регион за да ги заштитиме производителите. Цената не беше 10, туку 20 денари. Обидите на некои од трговците да биде дополнително спуштена веројатно предизвика загриженост кај земјоделците, но ние сме постојано на терен, ги следиме состојбите и ако треба ќе интервенираме“,
истакна Николовски.
